Штрајкот на контролата на летање беше незаконски, Судот донесе правилна одлука- вели адвокатот на М-НАВ
Од друга страна, претседателот на ССКЛМ, Александар Тасевски, ги демантираше наводите на адвокатот и рече дека тие имале комплетно право да организираат штрајк и дека сите известувања до раководството се архивирани со сите наведени барања
Само Независниот синдикат за сообраќај и врски може да донесе одлука за штрајк, но не и Струковиот синдикат на контролори на летање, кој е нивна подружница, што значи дека Основниот граѓански суд донел правилна и законска одлука да го забрани затворањето на македoнското небо од 20 до 24 октомври, тврди Горан Николоски, овластен застапник на М-НАВ А.Д.
Препорачано
Според адвокатот Николоски, забраната на Судот се однесува само на овој штрајк и не е забрана за синдикално делување, но доколку дојде до нова најава за штрајк, М-НАВ повторно ќе тужи. Николоски објасни дека откако менаџментот на М-НАВ го разгледал известувањето за штрајкот биле констатирани неколку недостатоци. Имено, самото известување за штрајкот не произлегло од конкретните барања од работен однос, не била спроведена постапка за мирно решавање на колективните спорови, а ССКЛМ е само подружница на Независниот синдикат и не е запишан во Регистерот на Министерството за економија и труд.
Но, претседателот на ССКЛМ, Александар Тасевски, кој по изјавата на Николоски се појави пред М-НАВ, ги демантираше наводите на адвокатот и рече дека тие имале комплетно право да организираат штрајк и дека сите известувања до раководството се архивирани. Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛМ) штрајкот го најави на 4 октомври, обвинувајќи го раководството на М-НАВ дека намерно блокира клучни кадровски решенија и дека системот е пред колапс.
-Прекршени се основните законски елементи за закажување на штрајк, а претседателот на ССКЛМ одреден период организираше прес-конференции на кои сееше страв за безбедноста на авионскиот сообраќај во земјава. Тоа внесе паника не само кај патниците, туку и кај пилотите. Видовте дека не се сруши ниту еден авион и системот си работи нормално. ССКЛМ нема мнозинство и сите најави за штрајк се само на една мала груп вработени – објасни Николоски.
Тој пред новинарите истакна дека најавата за штрајк на претседателот на ССКЛМ е „лична одмазда на нивниот претседател Александар Тасевски и тоа од приватни причини“.
-Тасевски ја смета контролата на летање за семејна фирма, бидејќи во неа работеле неговиот дедо, татко, брат, а работите меѓу него и менаџментот се заостриле откако не биле вработени неговата ќерка и третиот брат. Затоа и велам дека ова е лична одмазда – додаде адвокатот Николоски.
Од друга страна претседателот на ССКЛМ, Тасевски остана на ставот дека нивното барање за штрајк е архивирано, како и дека барале да им се достави помирувач во законскиот рок, а има и потпишано известување од менаџментот на М-НАВ дека постапката за помирување не била успешна.
-Имаме и доказ дека како струков Синдикат имаме овластување да учествуваме во потпишување на Колективните договори, како и дека може да организираме штрајкови на ниво на гранка, така што станува збор за паушални изјави, а жално е што наместо директорите испратија адвокат. Во законот е предвидено дека штрајкот може да го организира кој било синдикат, било тоа да е синдикатот на работодавачи, синдикат на гранка или ССМ по вертикална основа, така што и ние имаме комплетно право да организираме штрајк. Во спротивно ниту еден синдикат во државава нема да може да повика на штрајк – додаде Тасевски и праша како директорите соработуваат со нив за сè, ако се нелегитимни?
Претседателот на ССКЛМ исто така соопшти дека било испратено известување за штрајкот со сите барања, како и дека е почната постапката за помирување.


