Што се случи со НФТ токените?

НФТ токени / Фото EPA-EFE/FACUNDO ARRIZABALAGA

Кога Хомер Симпсон ќе смисли шема за брзо збогатување, тоа обично завршува лошо. Во најновата епизода од легендарната анимирана серија Симпсонови, несреќниот татко го претвора својот син Барт, а потоа и себеси, во НФТ за да заработи милиони. Сè тргнува наопаку кога Хомер дознава од лебдечка мачка дека „лудоста на НФТ е завршена“. Епизодата беше широко аплаудирана од фановите на НФТ и скептиците за успешно исмејување на крипто светот што експлодираше пред неколку години, но сега е речиси згаснат, пишува Би-Би-Си.

Епизодата на Симпсонови го постави прашањето, дали лебдечката мачка е во право, и дали НФТ токените навистина згаснаа?

Анализата добро покажува дека некогаш избезумениот пазар на незаменливи токени неодамна падна на најниско ниво, со тоа што октомври беше наречен „Флоптобер“. Но, некои мислат дека има надеж за нивен спас.

НФТ се дигитални токени кои обично се купуваат со криптовалути. Тие често се поврзани со слики или видеа, но поседувањето НФТ вообичаено не значи дека купувачот ги добива авторските права на сликата. Секој може да го гледа онлајн, па дури и да го копира и зачува, но само купувачот има статус на официјален сопственик на неговиот токен. Доказот е врежан на неуредувачката евиденција на блокчејнот – џиновска табела со трансакции објавена на интернет.

Според истражувачите од Дап Редар, вредноста на НФТ трансакциите штотуку ја достигна најниската точка откако пазарот го достигна врвот пред неколку години. Обемот на тргување – износот на пари во продажба во целата индустрија – падна за 89% од почетокот на 2022 година до сега. Тогаш во првиот квартал од 2022 година изнесуваше 12,6 милијарди долари, а сега во третиот квартал од 2023 година е само 1,39 милијарди долари.

Индустријата продолжува да се намалува. Минатиот месец Југа лабс – креаторите на Борд Ејпс – објавија голем број отпуштања. Борд Ејпс Јакт Клаб е една од неговите најпознати серии. Некогаш постоеја НФТ токени кои се продаваа за милиони долари, поттикнати од познатите купувачи, вклучувајќи го водителот на ток шоуто Џими Фалон, медиумската личност Парис Хилтон и јутуберот Логан Пол.

Парис Хилтон нема објавено на социјалните мрежи за НФТ од октомври 2022 година, и покрај речиси секојдневните твитови во јануари и февруари 2022 година за промовирање на нејзините колекции. Според веб-страницата НФТ Прајс Флор, основната цена на Борд Ејп (вредноста на најевтините во колекцијата) го достигна врвот на почетокот на мај 2022 година, а потоа чинеше околу 268.000 американски долари. Сега цената е намалена на 56.000 долари.

Колекционерот и уметник Тејлор Витли од САД се чувствувал принуден да продаде шест од неговите седум токени, бидејќи понудите што ги добивал станувале се полоши и полоши.

„Навистина не сакав да продавам, но пазарот е навистина лош, па затоа е најпаметната работа за мене. Мислам дека пазарот на НФТ може уште да се намали“, изјави тој за Би-Би-Си.

Минатиот месец, Тејлор го продал својот највреден Борд Ејп за 212.000 долари, откако претходно одбил многу подобри понуди. Тој можел да добие најмалку 10 пати повеќе за неговите НФТ токени ако ги продадел минатата година. Како ран инвеститор тој сè уште има неверојатни профити. Неговата последна продажба е 1.000 пати повисока од неговата почетна инвестиција од 200 долари.

Дигиталните валути како Биткоин и Етериум не се опоравија од разните падови во 2022 година, кога вредноста на монетите падна и потоа стагнираше во она што многумина го нарекуваат крипто-зима. Неодамна се појавија знаци на одмрзнување, при што Биткоинот се искачи на 34.000 долари по монета, но растот е запрен и не е ни блиску до 70.000 долари кон крајот на 2022 година.

Иако НФТ токените се различен производ, тие се изградени на истата блокчејн технологија како и криптовалутите, а богатството на многу од најголемите купувачи на НФТ е во чекор со криптовалутите. Кога криптото вреди повеќе – тие имаат повеќе да трошат на НФТ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот