Што прави денеска: Марко Марк, телевизиски и радио водител

Фото: Маријан Стојановски/ Приватна архива/ Амел Амед

Шармантиот водител на утринската програма на телевизија Телма, Марко Марк, за многумина е момчето со кое им „почнува“ денот. Марко е личност која секогаш е насмеана и зрачи со позитивна енергија, забавна, расположена… Додека, пак, во приквечерието, можете да го слушате неговиот глас на радиото Канал 77. Инаку, Марко е голем авантурист, обожава да искачува планини, да патува, но и да ужива во мирот и спокојот со добра книга.

Марко на интересен начин ни долови како изгледа едно негово деноноќие.

Фото; Маријан Стојановски

„Речиси 6 месеци мојата лична дневна табула раса започнува во 5:30 часот исто како некогаш (макар што ова е динамика што ја живеам повеќе од деценија поради утринските проекти) на наша голема радост, со верба и надеж и на нашите ТВ-пријатели, повторно ни се врати утринскиот проект на Телма возобновен, ревидиран и овојпат еден час порано. Често се будам биолошки, некојпат со будилник, но без исклучок нема простор за минута плус, најчесто претходниот ден сум веќе целосно подготвен за да нема сообраќаен метеж наутро, отвораме очи, задолжителното БЛАГОДАРАМ за новиот ден, без отстапка се мести кревет, музика со утрински херци, кои соодветствуваат на почетокот на новиот ден (канделабри сѐ уште светат на булеварите во тој период), ранецот полн храна, материјалите за работа и велосипедот со мене… Првата станица е 6:30 студиото на Телма. (Ова е ритамот и концептот доколку сум тој ден јас на смена, иако ништо поразлично од останатите утра, освен некој час плус сон и простор за подготовка на утрински појадок и некоја мала активност плус).

Фото: Амел Амед

Во 12 ч. Мала размена на емоции со колегите, рекапитулација на денот, што нѐ чека потоа и следниот период, имаме редакциски состанок бидејќи сепак, проектот изискува енергија и концентрација, а секојдневно емитуваме програма од 4.30 часа така што однапред без ескивирање разменуваме искуства, теми, концепти, сценарија за седмицата како и некои следни идеи и предизвици посветени за гледачите.

14 ч. Време за ручек, во меѓувреме „мобилната канцеларија“ е постојано достапна, телефонски повици, понекогаш средби, состаноци поради осцилациите и животната амплитуда во која живееме постојано се менуваат дневните појаси, течението на секој следен миг (очекувано) кај секој од нас, но се обидувам целосно свесно и рационално да одговорам на темпото. Вметнувам мала оддишка, го користам овој период да си ги слушнам моите домашни, блиски пријатели и не секојпат, но практикувам, ако дозволува денот и просторот во попладневниот период, тоа е време за мене-сам со себе, вметнувам некоја активност, велосипед, понекогаш некоја јога вежба (бидејќи часовите на огромна тага морав да ги прекинам поради неможноста од во моментов новата агенда, но ги поздравувам Верица и Лејла, моите прекрасни дами, кои помогнаа во целата холистика и дополнителното искуство со јога).

Фото; Приватна архива

Во 17:30 ч. сум на следната станица – Канал 77, редовната програма од 18 – 21 ч. На крајот од денот сум повторно со радиските пријатели, нѐ има доста на број и верувајте, се радувам неизмерно на секоја нова споделена радиска приказна, интеракција, радиската магија е единствена, сум бил дециден во изјавата многупати, се радувам на секоја нова свежа споделена тема, нов артист, нови итимни рандевуа со слушателите…

По радиските активности, засега дефицитирани се дружбите, понекогаш се случува да се видам со семејството, некои од моите блиски пријатели едноставно есенцијалното бесценето продуктивно минато време, но човечкиот храм повикува на мир, спокој и регенерација, Така што финалето и кулминацијата на денот е секојпат ист, млак туш, медитација и времето за книга, свежиот мирис на нова приказна (во моментов штотуку завршена „Пред да се излади кафето“ – Тошиказу Кавагучи, започната нова – Ју Несбе „Снешко“)

П. С. Сабота и недела – секогаш максимално посветени на нова планинска експедиција, вело тура, конекција со почвата и целиот 3Д простор околу, апсорпција на мајка природа и остатокот од димензиите и максимално делење, споделување љубов со семејството и пријателите. Во очекување на елиминарање на сценариото ковид, симнување на фиктивните бариери и граници и старт на индивудалната улога Кристофер Колумбо во посета на останатите меридијани, знам дека си го посакуваме сите наскоро, ќе биде ветувам, верувам…“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот