Ескобар: Лага е дека сум сменет од функцијата, ми заврши мандатот

Габриел Ескобар / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Неколку земји од Западен Балкан, особено членките на НАТО – Албанија, Северна Македонија и Црна Гора цврсто се на патот на евроатлантските интеграции и задоволен сум од тоа, изјави специјалниот американски пратеник за регионов.

Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар денеска потврди дека ја напушта функцијата и дека му завршил тригодишниот мандат. На последниот онлајн брифинг со новинарите говореше за состојбата во регионов и рече дека верува оти Црна Гора ќе биде следната членка на ЕУ, како и дека неколку земји од Западен Балкан цврсто се на патот на евроатлантските интеграции и дека е задоволен од тоа.

– Тоа посебно важи за членките на НАТО, Албанија, Северна Македонија и Црна Гора, кои се целосно ангажирани во целиот процес на пристапување во Европската Унија, рече Ескобар.

Во однос на Македонија имаше само куса забелешка дека без оглед на изборите се надева дека земјава ќе продолжи на патот кон Европската Унија.
Што се однесува до Босна и Херцеговина, кажа дека има чекори кон поголема функционалност, со оглед дека земјата веќе доби статус на кандидат за прием во ЕУ.

– Ќе продолжиме да работиме со страните на терен, граѓанското општество, политичарите и другите за да ја искористиме оваа историска шанса. Ја напуштам оваа позиција со уверување дека со нашите постапки придонесовме за помирување и напредок во евроатлантските интеграции, изјави Ескобар.

Коментирајќи ја посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Србија, рече дека „е темпирана да ги зголеми тензиите меѓу Србија и остатокот од западната заедница“.

– Верувам дека времето на посетата е несреќно, но намерно избрано, изјави тој, посочувајќи дека посетата на кинескиот претседател се совпаѓа со годишнината од бомбардирањето на НАТО на кинеската амбасада во Белград.

Што се однесува на членството на Косово во Советот на Европа, рече дека неколку земји членки бараат Косово прво да ја формира Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО) и додаде дека токму ЗСО и некои прашања поврзани со српското малцинство, кои не се исполнети, се континуирани барања. Притоа потсети дека САД немаат глас во Советот на Европа, но ставот на Вашингтон е дека „Косово треба да биде полноправна членка на Европската Унија, НАТО и Обединетите нации и САД ќе продолжат да работат на тоа“.

Ескобар, кому мандатот му завршува на крајот на овој месец, рече дека жали што за време на неговиот мандат договорот за патот кон нормализација на односите, постигнат меѓу Косово и Србија, не бил спроведен во годината што измина. Тој ги обвини двете држави за неисполнување на обврските што произлегуваат од овој договор и од анексот за негова имплементација.

Ескобар потврди дека ја напушта функцијата специјален пратеник за Балканот и дека му завршил тригодишниот мандат. Тој објасни дека мандатот е всушност две години, но дека побарал да остане на таа функција уште една година.

-Во текот на викендот наводен новинар пишуваше за моето разрешување и поврзаноста со српската влада и сакам да кажам дека сè во тие написи е лага. Сопругата не добиваше пари од ниту една странска влада. Во секоја амбасада каде што работев во Боливија, Португалија, Италија и Србија, таа контактираше со луѓе без никакво плаќање, рече Ескобар и додаде дека лажно е и тврдењето дека изворот за ова е од Конгресот, бидејќи Конгресот не одлучува за неговото именување.

Говорејќи за влијанието на Русија во регионот, Ескобар рече дека таа земја не е причина за проблемите во регионот, туку само ги искористува и дека тие постоеле и претходно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот