Што прави денеска: Маја Гроздановска-Панчева, пејачка

Маја Гроздановска Панчева со семејството / Фото: Приватна архива

Уште кога се појави на домашната музичка сцена, пред повеќе од две децении, го привлече вниманието, како со својот вокал, така и со изгледот. Маја Гроздановска-Панчева важи за една од најубавите пејачки на македонското естрадно небо.

Маја Гроздановска-Панчева
Маја Гроздановска-Панчева / Приватна архива

Сопственичка е на хитовите „Мачка со девет животи“, „Сеедно не ми е“, „Нова планета“, „Ноќи без крај“, „Барбика“ и други, познати и по интересните и вонвременски видео записи. Маја иако сега не е активна на музичко поле, никогаш не ја оставила музиката. Таа веќе девет години е членка на хорот на МОБ.

Приватна архива

Убавата пејачка долги години е во брак со македонската фудбалска легенда Дарко Панчев. Тие се горди родители на ќерките Надица и Марија. Како семејство, кај нив една карактеристика особено се истакнува, а тоа е – едноставноста. Нивното хармонично семејство брои уште еден член – домашниот миленик Нео, сибирски самојед, кој го имаат веќе пет години и сите дома го обожаваат.

Маја со семејството / Приватна архива

Маја овојпат ни долови како изгледа едно нејзино деноноќие.

„Вообичаено сум ранобудник. Обично станувам околу 6:30 часот и денот го започнувам со вежбање јога, а потоа се подготвувам за останатите активности.

Денешниот ден, не е многу поразличен од другите, но најчесто обврските ги распоредувам според активностите на работа, затоа што веќе деветта година сум дел од хорот на МОБ.

Приватна архива

Работните обврски денеска ми се во претпладневните часови, па после вежбањето појадувам и се подготвувам за на работа.

Во принцип мојот појадок се состои од една чаша природен сок, кој си го приготвувам навечер пред спиење и со него консумирам јаткасти плодови.

Приватна архива

Не сум љубител на кафе, но сепак, најслатко ми е кога го пијам на работа со моите колешки.

На работа се задржувам по неколку часа, во зависност од големината на претставата или концертот кој е на тековниот репертоар.

Во моментот ја подготвуваме претставата „Паљачи“, која е многу интересна, и ги повикувам сите љубители да дојдат да ја гледаат.

После работа најчесто се договараме со Даре да одиме во ТЦ Беверли на по една пијачка, каде ги договараме понатамошните обврски.

Маја и Дарко / Приватна архива

Потоа одиме на заеднички ручек или сами двајцата или заедно со децата. Најчесто ручаме дома, бидејќи ретко се случува да немам подготвено ручек, а доколку немам, сите заедно одиме некаде да јадеме.

Додека трае ручекот секој од нас раскажува како му поминал денот и на тој начин ги зајакнуваме семејните врски.

По ручекот следува мал период на одмор, а потоа, како и секоја жена, ги завршувам преостанатите обврски во домот.

Приватна архива

После сите овие обврски, следува едночасовна прошетка со Дарко и тоа го правиме секогаш кога можеме.

Вечерата гледам да биде што полесна и се трудам да ја консумирам што порано, да не биде во доцните часови, но понекогаш и ја изоставувам.

Потоа, се спремам за гледање добар филм или добра емисија, а ако нема такво нешто на репертоар, земам книга за читање и обично по десеттата страница заспивам (хаха).“

Маја и Дарко / Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот