Што прави денеска: Александра Шијакоска, модна блогерка

Александра Шијакоска/Фото: Димитар Здравевски Мите Доневски/Ани и Дими

Креативноста и истенчениот вкус за естетика се едни од особините што ја красат Александра Шијакоска. Модната блогерка на Инстаграм има импресивна бројка следбеници – повеќе од 47.000, а во оваа професија успешно го трасира својот пат, секогаш со мисла водилка – да прави нешто добро за другите и да биде добар пример за своите многубројни следбеници.

Освен што е модна блогерка, Александра е неуморна и незапирлива на многу полиња. Таа работи и како маркетинг менаџер во една фирма, а се занимава и со продажба на тренирки.

„Да се менаџираат три работи во исто време е потешко од што можев да замислам па често знам да направам пауза на некоја од нив за да ја завршам другата. За во иднина, цел ми е да го соберам најдобриот тим покрај мене, а со добар план и тим од добри луѓе, не постои нешто невозможно за остварување“, вели Шијакоска.

Александра овој пат ни долови како изгледа едно нејзино секојдневие. 

Александра Шијакоска/ Фото: Приватна архива

„Седнувам утрово да ги прочитам и разгледам останатите интервјуа и се мислам како да кажам дека мене денот ми почнува после 10 часот. Многу сакам да спијам, уживам кога спијам, не се сеќавам да сум имала комшар или несоница. Тоа е заспивање истата секунда кога ќе ја ставам главата на перница и будење со тешкотии утрото. Многу сакам да спијам! Сѐ уште ме нервира таа навика и се трудам и учам да ја ублажам и да станувам барем во 8 часот, но по одреден период си се враќам на старо.

Александра Шијакоска/ Фото: Мите Доневски

Како и да е, да се вратиме на тоа како ми поминува денот. Четири години, наместо кафе наутро пијам вода со лимон, мед и ѓумбир – навика која многу си ја почитувам. Седнувам да го видам распоредот што сум го напишала во два часот по полноќ, пред да си легнам, и сфаќам дека повторно сум станала доцна за успешно да ги завршам сите обврски. Среќа што се за нареден ден, па дури и тоа што ќе облечам ми е подготвено пред да си легнам.

Многу сакам да работам, работењето ме исполнува максимално. Имав интервју за патронат на едно основно училиште, се радував што можам да ѝ се обратам на најмладата публика. Следно беше купување подароци за донирање, тоа го правам неколкупати месечно и не постои нешто што ме прави посреќна.

Александра Шијакоска/ Фото: Ани Дими

Потоа две закажани фотосесии, па повторно купување подароци за Божиќ – овој пат за пријателите. Многу сакам да трошам за нив, за божиќни украси и за сѐ што е поврзано со Дедо Мраз.

Да не заборавам да ги спомнам јадењето и кафето, затоа што периодов немав време за тоа, не сум седнала да јадам дома на маса одамна, сето тоа го правам набрзина и попатано или мајка ми ако направи нешто домашно, па да ме викне. Овој претпразничен период е хаос, дури и за луѓе кои премногу сакаат да работат. Реков дека ќе работам и закажувам соработки до 15 декември, а испадна дека така ќе биде до 30.

Александра Шијакоска/Фото: Димитар Здравевски

Обично еден период од денот го оставам за родителите, дечкото, внуците, дедо ми, пријателите, саканите. Ако нешто ме прави особено среќна, тоа се моите пријатели, ги имам во огромен број и кај мене дома никогаш не сум сама. Секој си доаѓа кога ќе посака. Има многу вакви денови, но има и денови кога не ми се прави апсолутно ништо, па си ја земам омилената книга и си уживам цел ден. Таков очекувам да биде цел јануари. Ова го пишувам во два часот по полноќ, а утре имам закажано три фотосесии на неколку локации. Посакајте ми среќа, а вие имајте најубав ден. Ви посакувам среќни празници, многу здравје и благосостојба.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот