33.8 C
Скопје

Што мора да знаете за медот, прополисот и матичниот млеч пред консумирање и кога треба да бидете внимателни?

Производите од пчелите како што се медот, матичниот млеч и прополисот, долго време се сметаат за супернамирници. Овие терапевтски супстанции може да третираат бројни видови несакани здравствени состојби, како и да бидат добар сојузник во природната козметика.

МЕД

Медот е густ и сладок производ на пчелите, кои го прават од нектарот од цветовите. Тој е еден од најценетите природни производи уште од дамнешно време, а се користи не само како природен производ и засладувач, туку и во традиционалната медицина како помош при лекување на разни состојби, од ублажување на кашлица и болки во грлото, до зараснување на раните. Медот има потенцијално терапевтско дејство благодарение на неговите антимикробни, антиоксидантни и антивоспалителни својства. Медот има терапевтско дејство кај бронхитис, настинка, кашлање, зараснување на рани, гастроинтестинални заболувања, невролошки нарушувања и бројни други состојби. Се смета за безбеден за употреба за возрасните и децата по првата година од животот. Но, ако имате одредени здравствени проблеми, консултирајте се со лекар пред да земете какви било препарати од мед.

Иако медот има многу благотворни ефекти, не смееме да заборавиме дека е богат со шеќери, така што неговата калориска вредност е доста висока. Медот, исто така, може да го зголеми шеќерот во крвта, па дијабетичарите треба да внимаваат и да се консултираат со нутриционист колкава количина да користат и во какви комбинации. Исто така, луѓето кои имаат алергиска реакција на полен од растенија, треба да се консултираат со лекар за консумирањето мед.

Денес знаеме околу 300 различни видови на мед. Медот се состои од над 80 отсто јаглехидрати, а нешто помалку од 20 отсто вода. Студиите откриле повеќе од 600 компоненти во медот, кои имаат потенцијално благотворно дејство на здравјето. Што се однесува до составот на јаглехидратите, доминира фруктозата, потоа следуваат гликозата, малтозата и другите шеќери. Од витамините, доминираат витамините од групата Б и витаминот Ц, а од минералите калиум, калциум, магнезиум, фосфор, натриум и други. Покрај тоа, медот изобилува со биоактивни компоненти како што се флавоноиди и полифеноли.

ПРОПОЛИС

Прополисот е природна мешавина што ја произведува медоносната пчела од неколку состојки, вклучувајќи ги и оние што ги собира од билките и дрвјата. Прополисот е познат како „пчелин лепак“, што е генерички назив и се однесува на смолеста материја којашто ја собрале пчелите од различни видови растенија. Зборот „прополис“ е изведен од грчкиот збор „про“ што значи за, и зборот „полис“ што значи град или заедница, и во овој случај тоа е кошница. Прополисот затоа служи за обновување на кошницата. Со загревањето обично станува мек и леплив. А, инаку, има и пријатен мирис. Прополисот и неговите екстракти имаат бројни примени во лекувањето на разни болести поради нивните антисептички, антивоспалителни, антиоксидантни, антибактериски, антимикотични и антифунгални својства.

Се состои главно од смола (50 отсто), восок (30 отсто), есенцијални масла (10 отсто), полен (5 отсто) и други органски соединенија (5 отсто). Прополисот, исто така, содржи важни витамини, како што се Б1, Б2, Б6, Ц и Е и корисни минерали како магнезиум, калциум, калиум, натриум, бакар, цинк, манган и железо.

Прополисот се користи за настинки, херпес на усните, отоци (воспаленија) и чиреви во устата (орален мукозитис), афти, гастроинтестинални нарушувања и други состојби… Прополисот има широка употреба во дерматологијата: третирање на рани, изгореници, егземи, габични заболувања.

МАТИЧЕН МЛЕЧ

Матичниот млеч е еден од пчелните производи кој има потенцијал за лекување разни болести кај човекот. Со векови се користи во медицинските практики, како алтернативен третман за разни болести.

Матичниот млеч има позитивно дејство на симптомите на менопаузата, имунолошкиот систем, подобрувањето на когнитивните функции, здравјето на очите, антивоспалително и антиоксидативно дејство, регулација на крвниот притисок, обновување и лекување на кожата и заздравување на раните.

Бидејќи станува збор за пчелин производ, луѓето со алергии на убоди од пчели, полен или на други алергени од околината треба да бидат внимателни. Некои загадувачи на животната средина, како што се пестицидите, исто така, се пронајдени во матичниот млеч и може да доведат до алергиски реакции.

Луѓето со астма, алергии и контактен дерматитис треба да бидат внимателни со матичниот млеч.

Поврзани вести

Апликацијата „Тиндер“ со нови можности за запознавање на потенцијални партнери

Слободен Печат

Емилијан Салиевски: Сакам преку песните да пренесам позитивна порака за различни теми

Анита Златкова

Стивен Спилберг почнува соработка со „Нетфликс“: Ново поглавје на кинематографската историја

Слободен Печат

Можно ли е да се истенчите за само 14 дена? Да, со овој протокол за слабеење!

Слободен Печат

Дунавка Трифуновска се огласи по веста за разделбата со Ване Цветанов: Минатото не треба да „пушта ларви“ во сегашноста

Слободен Печат

ФОТО: Кајли Џенер ги згрози обожавателите со својата објава на „Инстаграм“

Слободен Печат

Остави Коментар