Што да правите во Скопје ОВОЈ ВИКЕНД

Сезона на руска салата, спакувана дури и во куфер

Здраво-живо мило Скопјенце, денес ќе ти „писнат“ да те китат, знаеш? Ај, баш да видиме како овојпат ќе те дотераат, како селска невеста или како „скопска“ удавача стокмена за сликање на Фејсбук и Инстаграм. А, се сеќаваш, мило Скопјенце, на оние, црвените палми, и на каквите сè не менѓуши што ти ги редеа и доредуваа понатаму, со години.

Празничните туристички аранжмани се речиси распродадени. Каде сè ќе се кинисува пред, за и зад Нова година, ѕирнете во ова супер текстче- ТУКА.

Ние пак, сме со поделени мислења, зашто едните од нас, запнале да тркнат до Лапонија, а зимурливите, ќе си сконеме до Галапагос. Се разбира, во куфер ќе си ги спакуваме ајварите и руските салати и кифличките и сармите и ракиите, маскирани во најчудесни пакувања за да не ни ги откријат и одземат на граница.

А вие, како сте денес, драги скопјани? Знаете ли што славиме в недела и зошто е понеделник неработен ден?!

Ако знаете, сигурно и вие сте се прашале како до сега не се описменивме, туку, генерациски, сè понеписмени стануваме. А, ако не знаете што празник е, и кој бил господинот Климент Охридски, што ви е гајле, и така си е ова ваше време.

Значи, сезоната на руски салати, кифлички и, се разбира, на дебелеење, е пред нас. Ама добро е, во меѓувреме, освен фитнес сала, да се посети и по некој културен настан. Чисто за тренинг на мозокот. И за тренинг на писменоста. Среќен ни празник!

Петок

17.30 часот

После работа, би можеле да отидете на градскиот плоштад кадешто ќе има музичка програа пред да светне новогодишната елка, а ќе се отвори и Винтерлернд. Новогодишните куќички се поставени на локацијата помеѓу ГТЦ и плоштад Македонија. Новогодишната програма ќе трае 25 дена, почнувајќи од денес. Во периодот од 6-ти до 31-ви декември, секој работен ден забавата ќе почнува во 16 часот, кога на репертоарот ќе има детска програма, по што ќе следува програма за цела публика. За време на викендите програмата ќе почнува на пладне.

20 часот

Во Музејот на Современа уметност ќе се отвори изложбата „Пејзажи на совеста“ која ги истражува врските меѓу материјалното, технолошкото, индустриското и културното загадување. Ќе бидат изложени 11 фотографии и осум видеоинсталации, како и четири филмски уметнички дела кои ќе бидат прикажани од утре до 10 декември од 18 часот. „Пејзажи на совеста“ ќе претстави дела на 12 уметници: Мила Паниќ, Карлос Касас, Урсула Биман, Арјуна Нојман и Дениз Фереира да Силва, Јунес Бен Слимане, Патрик Содерлунд, Ругил Барзџукаите, Хироацо Сузуки и Росана Торес, Тамер Хасан и Арманд Јервант Туфенкиан. Ќе понуди и разговори со двајца од авторите: Мила Паниќ (БиХ / Германија) и Карлос Касас (Шпанија). Кураторкa на изложбата e Кумјана Новакова, во соработка со Диого Переира. Визуелниот идентитет и графички дизајн е на Елена Диновска Зарапчиев.

20 часот

Ако не сте ја погледнале до сега, ред е да ја видите. Во Македонски Народен театар ќе се изведува претставата „Говорна мана“ во режија Драгана Милошевски-Попова. Претставата отвора актуелни прашања на времето во кое живееме: каде е границата меѓу легитимната и ненормалната борба за опстанок? Играат: Игор Џамбазов, Сашка Димитровска, Ивица Димитријевиќ, Арна Шијак, Ана Стојановска, Билјана Јовановска/Драгана Левенска. Драматург и стручен соработник е извонредниот Дејан Дуковски, а сцениграф и костимограф е Илина Ангеловска. Композитор е Горан Трајкоски.

20 часот

Во МКЦ, може да одите, на пример, на ЛУЗЕР ФЕСТ, кој веќе 10 години е вечер посветена на демо артисти и изведувачи од сите жанрови. Годинава, од 40 пристигнати материјали, беа селектирани осум млади артисти кои ќе настапат во живо. Победникот го избира публиката во единствена демократска атмосфера и гласање, кои не може да се „фејкуваат“. Има и тајно жири, кое само помага со своето искуство да победи најдобриот. Наградата за место број 1 e снимање на својот прв студиски албум, објавен од страна на „Пасворд Продакшн“.

Вратите за посетителите ќе се отворат во 20 часот, а програмата започнува во 20:30 часот. Билети по цена од 100 денари можат да се купат „на врата“, пред почеток на настанот. Самата карта е и гласачко ливче на кое можете да го заокружите својот фаворит, а гласачката кутија ќе ја побарате во фоајето на МКЦ.

20 часот

Во Кино „Култура“  ќе има книжевно-промотивна вечер за романот „Аб’т“ од Оливера Ќорвезироска. Романот од самото објавување предизвикува извонреден интерес и многу реакции. Покрај авторката ќе учествуваат и актерот Јовица Михајловски и писателот Владимир Јанковски, кој ќе го води разговорот.

20 часот

Во Националната опера и балет ќе се изведува „Дон Кихот“. Диригент е Бисера Чадловска. „Дон Кихот“ е волшебна приказна за ветерници, „совршената“ жена и вистинската љубов Балетското дело е поставено на музиката на Минкус со експресивно темпо кое резултира со познатиот Don Q pass de deux, кој дава акцент на целата претстава. Во главните улоги настапуваат Марија Кичевска Шокаровска во улога на Китри, додека во улога на Базил е Васил Чичијашвили (Грузија).

Балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет. Учествуваат и деца од балетскиот оддел на нижо и средно балетско образование при ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“.

21 часот

Во популарното бифе Тафталиџе може да доживеете едно сосема ново музичко искуство со „Radmila Mix 1“.  Радмила убаво ќе ве „извози“ музички низ просторот и времето.

22 часот

Во „Колектив“ на плоштад Македонија уживајте во блуз со „InThe Mood“ (Saso & Nikola Jimmie) & Band (Goran&Mario).

САБОТА

12 часот

Во книготеката „Икона“ во Скопје Сити Мол дружете се со глумецот и писател Сашо Тасевски кој ќе ја потпишува новата книга „Жена вредна злато“.

12 часот

Во Веро маркетите има фестивал на чај и книга.Ќе се дегустираат македонски и кинески чаеви, а ќе има и книжевни катчиња за деца и за возрасни. Освен литература ќе има и музика.

17. 30 часот

КОШАРКА, РАБОТНИЧКИ-КОЖУВ: Работнички во досегашниот дел од сезоната игра променливо, но после триумфот над Вардар се врати на вистинскиот колосек. Пред своите навивачи во салата „Градски парк“ ќе се обиде во дербито на рундата. да стигне до уште една победа против лидерот во шампионатот, Кожув кој е во серија од три победи по ред.

19 часот

Дружете се со дечињата. Во Театарот за деца и младинци погледнете ја претставата Малата сирена.  Во неа ќе видите како големата и вистинска љубов победува и успева да ги помири сите различности. Но, ќе видите и колку е тежок и полн со искушенија патот на израснувањето и созревањето. Режијата е на  Дејан Дамјановски, а во претстават глумат : Винета Дамческа, Ненад Митевски, Владимир Лазовски, алтернација Мартин Јорданоски, Предраг Павловски, Драган Довлев, Изабела Новотни, Катарина Илиевска Силјановска, Марија Ѓорѓијовска, Ана Левајковиќ Бошков.

20 часот

Од 20 часот до 5 наутро, во СЦ „Борис Трајковски“ ќе се одржи главната вечер на Таксират, на која ќе настапат 15 изведувачи на три различни сцени. Премиерен настап во Македонија ќе имаат британските бејс продуценти и херои на електронската сцена CHASE & STATUS, авторите на светскиот познат хит „Young Folks“, PETER BJORN AND JOHN. Хрватските легенди ХЛАДНО ПИВО, исто така, ќе застанат на главната бина на Таксират 21. После шест години, најголемиот хип-хоп колектив од Србија, БЕОГРАДСКИ СИНДИКАТ, се враќа на Таксират со ветување за уште еден енергичен настап. Легендите од Дорчол ќе бидат тука да ги пренесат нивните гласни пораки без забранети теми. Со прв настап во Скопје се потпишува и познатиот хрватски рапер, ВОЈКО В, добитник на три награди „Порин“.

Љубителите на ска-панкот и бенд кој годинава слави четврт век, СУПЕРХИКС, ќе настапат на Таксират со најполн состав и со „the best“ of програма од нивниот музички репертоар. По 4 години од последниот настап, етно-метал бендот ВЕРКА со нивниот микс на традиционалното и текстовите на наш јазик, ќе ја отворат главната вечер на Таксират.

Втората фестивалска бина на Таксират на едно место ќе ги собере најголемите трап артисти од домашната и регионалната сцена: КЛИНАЦ, ПРИНЦЕС ДОНАТСУ, БУНТАИ, ДОНПЛЕЈА, КУКУШ КЛАН, СЕКСИ МАРСА, БОН ПРАСКИЗА и 30ЗОНА. Тука е и третиот стејџ – „Сајлент диско“ каде со повеќечасовни сетови ќе настапат два диџеи: Чарли и Мартин од Антена 5.

20 часот

Во Македонска филхармонија погледнете го концертот на престижниот мецосопран и пиано, составот Ана Синицки и Борко Милојковиќ од Белград.

20 часот

Ако сè уште не сте го погледнале документарниот филм „Медена земја“, не го пропуштајте – во Кинотека. Ја знаете содржината, нели? Атиџе, последната одгледувачка на диви пчели во Европа, се соочува со опасност кога во околината облагородена со природен баланс ќе се насели многучлено семејство кое ќе се обиде да ѝ ја преземе трговијата со мед. Низ супериорна визуелна нарација и маестрална монтажа, филмот за „медената земја“ нѐ опоменува дека сите наши постапки си имаат последици по човештвото во иднина. Влезница е само 100 денари.

21.30

Во кафулето „Ла Кања“ во Старата скопска чаршија ќе има газотресење. А-ха, добро слушнавте.
Чаршискиот мит вели кога Стефан и Тања заедно пуштаат музика, нема газ што нема да се затресе. Жежок избор на музика со песни од 80-ти, 90-ти, денс поп, синт поп и така натаму, односно, накусо, песни за газотресење.

22 часот

Кафе „Котур“ ве кани на концерт на Сашко Костов. На концертот Костов ќе свири со бенд составен од: Сашко Костов – вокали, гитара, семпелер и удиралки, Мартина Баракоска – тапани, Андреја Салпе – гитара, Симеон Андоновски – бас, Симон Облешевски – клавијатури.
Влезот е 150 денари.

НЕДЕЛА

13 часот

Дружете се со пријателите или со семејството. Во „Нано бар“ ќе може да се дегустира домашна руска салата и домашни кифлички. За вегетаријанци, ќе има руска салата без шунка. А ќе има и руска музика.

13 часот

Гледајте ФУДБАЛ, ВАРДАР-ШКЕНДИЈА: Скопските „црвено-црни“ ја потврдија есенската титула, а истата сакаат да ја прослават победнички против големиот ривал од Тетово, Шкендија во дербито на колото. Билет за мечот чини 100 денари и ќе се продава на билетарницата на Арената „Тодор Проески“ каде што и ќе се игра натпреварот.

22 часот

Во рамките на Таксират во СЦ „Борис Трајковски“ ќе гостува популарниот андерграунд техно диџеј, СВЕН ВАТ, кој ќе го затвори годинешното издание на Таксират. Таткото на рејверските афтерпартиња, познат и како „Папа Свен“, исклучиво на грамофони ќе ја изведе својата магија со целовечерен сет пред македонската публика.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот