Штитениците од ВП дом во Тетово се ресоцијализираат, но по излегувањето пороците повторно им се враќаат

Штитеници од ВП Тетовоо/ ФОТО Слободен печат

По долги години сместени во несоодветни услови, по затвори, без никакви можности за ресоцијализација, штитениците од Воспитно – поправниот дом Тетово, веќе две години се згрижени во новиот објект на оваа установа во населеното место Волковија.

Еден од дваесетте штитеници родум од Штип, вели дека домот му помогнал да стекне работни навики, но и да ги научи вредностите на животот со помош на персоналот.

Го затекнавме како работи во работилницата на едно дрвено масиче. Секое утро си имаме обврска, која го јакне наши карактер, учиме за моралните вредности. За неколку месеци треба да излезе од домот.

Вели дека е подготвен да се соочи со реалноста, но смета дека е потребна му е подршка и од другите институции на системот кога ќе се врати дома, оти многу деца кои ги познава, кога ќе излезат пак се враќаат на старите пороци.

„Јас сум на така 25 месеци. Моментално работам на дрвено столчче со алат, со се. Го правам сам, со помош на другарите. Од самиот почеток го научив водоинсталатерскиот занает, ова ми е плус како хоби и во домот имаме многу направено. Имаме видиковци, направено клупи, маси, столови, се што има особено во дворот го имаме лично сами направено, со помош на директорот и другите што се вработени. Искрено од почеток кога дојдов до сега, чуствувам голема промена кај мене, многу повеќе сум ресоцијализиран, за разлика пред повеќе од две години кога дојдов. Мислам дека сум подгототвен кога ќе излезам да си најдам работа и да си продолжам нормален живот. Но, сепак по моето излегување треба и другите институции да помогаат како во домот кога впрочем имав голема подршка и помош “, вели штитеникот.

Од раководството на установата, велат дека условите многу помагаат за ресоцијализација на штитениците, кои се практично вклучени во повеќе процеси во домот. Од кујната каде се подготвува храната, па се до работилницата. Имаат спортски активности, одат на семинари, деновите им се исполнети.

Но, недостасува уште една алка, да се заокружи целиот процес, а тоа е образованието. Децата одеа на настава во самиот дом, но овој едукативен дел престана, оти се работеше за проект. Сега сме во преговори со Министерството за образование, да имаме училиште во самиот дом, да не зависиме од проекти.

„Условите кои ние ги нудиме, се од типот на индивидуални и групни програми за секое дете, според неговите ментални, физички и интелегентни способности, како и степенот на нивното образование. Што се однесува до образованието, во нашава институција до 10 октомври оваа година, имаше образовен процес. Но, проектот заврши. Ние сме тука, како институција која што сме должни да обезбедиме само услови, за да се одвива образованието.Но, во контакт сме со Министерот за образование, се работи на некои точки односно членови од Законот за возрасни, што треба да бидат сменети, за системски да се реши проблемот во нашава институција со образованието рече Даниел Антовски директор на ВП домот во Тетово.

Вработените во домот, уверуваат дека додека се чека да продолжи образовниот процес, продолжуваат обидите на воспитувачите да направат успешна ресоцијализација на малолетниците.

Според нив во домот има солидни услови, кои може да доведат до успешна социјализација на децата.Но, за да биде целосно успешна, потребно е и постпеналниот прифат да биде соодветен.

Многу деца се од дисфункционални семејства, се враќаат на места каде лоши работи се случуваат, тука треба останатите институции да го следат процесот на ресоцијализација на децата, каде за жал кај многу од нив завршува, информираат од установата за Слободен печат.

„Треба да бидат вклучени Центрите за социјална работа највеќе, судот исто може да има влијание. Ние шест месечните извештаи што ги праќаме за секое дете, ги праќаме до Судот и до центарот. Судот е информиран за превоспитниот период за секое дете за тие шест месеци, а исто така и центарот. Затоа уште еднаш да напоменам, постпеналниот приод е многу важен и за истиот треба сите да бидеме заинтересирани, зборувам за институциите и да го следиме тој процес“, изјави Снежана Трајановска, воспитувач во одделението за третман.

Инаку штитениците од Воспитно – поправниот дом, повеќе од две децении немаа матична установа, откако во воениот конфликт во 2001 година беше запален, а потоа и узурпиран објектот на ВП домот во Тетово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот