Штекли со девет животи – експлозивната направа била активирана со далечински управувач
Раде Трајковски – Штекли по трет пат успеа да извлече „жива глава“ и да се спаси откако утрово среде бел ден, дваесет минути по девет часот одекна експлозија во дворот од куќата каде што живее во скопската населба Ќерамидница, веднаш позади трговскиот центар „Ист гејт“ во центарот на Скопје, каде ги преживеа првите два напади.
Крим – техничари со „пикап“ беа паркирани пред сивата куќа и со полицајците вршеа увид на местото каде што се случи експлозијата, собираа траги, а куќата беше опколена со жолти полициски ленти.
На новинарските екипи не им беше дозволено да се приближуваат до куќата, која изгледаше пристојно, а на прв поглед не се гледаше дека експлозијата оштетила нешто, иако Штекли е повреден и е пренесен на лекување во ГОБ „Наум Охридски“.
Експлозијата се случила од десната страна на куќата, меѓу другите куќи, а како што неофицијално дознава „Слободен печат“ направата била активирана со далечински управувач.
ФОТОГАЛЕРИЈА | Полицијата врши увид пред домот на Раде Трајковски – Штекли
Сите кои биле во близина на куќата тврдеа дека експлозијата била многу силна и прво мислеле дека се случило во Топланата. Но, кога дошла полиција пред куќата на Штекли сфатиле дека таму се случила некоја експлозија.
Штекли е вон животна опасност откако пред куќата му беше фрлена бомба
Според информациите на „Слободен печат“ од „Наум Охридски“, Штекли е во стабилна состојба и е надвор од животна опасност.
Точно пред една година исто така среде бел ден Трајковски беше нападнат во „Ист гејт“ и беше сериозно повреден, а рането беше уште едно лице, пријател на Штекли. Во нив пукаше лице со бел дуксер и бејзбол капа кого го имаа снимено безбедносните камери на трговскиот центар. Лицето седеше во обложувалница, а потоа се упати до елеваторот и пукаше кон двајцата додека се симнуваа.
Два месеца претходно Штекли исто беше мета на напад во гаражата ан „Ист гејт“, но тогаш остана неповреден делумно и поради тоа што се возел во блиндирано возило.
Сепак, пукањето од страна на засега непознати лица, чие возило потоа е најдено запалено кај езерото Треска, се толкуваше како порака што одредена криминална група сака да ја испрати.
Според првичните информации и овој напад е пресметка меѓу двете нарко групи.
Нападите кон Штекли почнаа по двојното убиство на Јетон Кривањева-Жила и Енес Исеинов-Љаци од криминалната група „Дуќанџик“ која се поврзува со групата „Грчец“.
Спротивставена група е релативно новата група „Барон“ кои се поврзани со групата „Беланоца“, чиј водач Фарљум Ајети-Тоте е во „Идризово“.
Сепак, релациите на Штекли упатуваат на негова поврзаност токму со оваа група.
ВИДЕО | Нападот на Штекли најавен на Тикток – „Стиже катаклизма, љуби те брат!“