Фото: Профимедиа

Шпионската афера со месеци без епилог – видеоснимки без трага, докази без анализа

Така, поранешниот припадник на „Волците“, кој потоа станал ИТ-експерт откако дипломирал на Славјанскиот универзитет, бил дел од информатичкиот тим и додека претседател бил Иванов, потоа Стево Пендаровски, а сега и Сиљановска-Давкова. Она што е нејасно е кои биле мотивите на информатичарот да направи евентуален упад, со оглед на тоа што работел со договор на дело, но бил долги години во Кабинетот. Па мотивите за ова се поврзуваат со високопозиционирана личност во Кабинетот на претседателката.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој е на чело на институцијата од каде што се чека анализа на податоците што наводно компјутерски техничар ги „собрал“ од компјутерската мрежа на Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, е изненаден од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), прво затоа што оттаму биле транспарентни и дале изјава за медиуми.

Истовремено, за министерот не е ниту скандалозен периодот од два месеци за анализа на податоците во МВР, напротив – тој е прекраток за да се анализираат доказите, за јавноста по половина година да дознае дали имало шпионажа во претседателскиот кабинет и дали некакви доверливи информации завршиле во странска служба.

Но, фактите што ги соопшти Обвинителството уште минатата недела покажуваат дека првата наредба за анализа на дел од екстрахираниот доказен материјал ја доставило до Секторот за компјутерски криминал во МВР уште на 30 декември минатата година, а последната наредба, на која се повикува Тошковски, е издадена на 25 март оваа година. Со последната наредба се бара анализа на сите собрани податоци од мобилните телефони, како и заедничка анализа на податоците од компјутерската опрема обработена во истражниот центар на ОЈО ГОКК.

Неовластениот упад во компјутерскиот систем се случил на 25 ноември лани, пријавен бил директно во МВР на 18 декември, а Секторот за компјутерски криминал половина година не дал одговор што се случувало со компјутерската мрежа на претседателката, која е и истовремено и Врховен командант на земја членка на НАТО.

Другите шпекулации водат кон друга долгогодишна вработена во Кабинетот, од немнозинските заедници, на која ѝ биле одземени телефоните, а која наводно имала контакт со земјата од чие етничко потекло е, но оваа земја е членка на НАТО.

Додека за премиерот Христијан Мицкоски овие информации потекнуваат од некаков шпионски талог на општеството, претседателката рече дека Кабинетот нема електронски систем за класифицирани податоци и компјутерски да се изнесат класифицирани информации добиени од други институции.

Во недостиг на официјални конкретни одговори, информациите поврзани со овој случај се неофицијални, а она што е потврдено е дека осомничениот ИТ-техничар е суспендиран од работното место по инцидентот.

Се проверувале телефони и компјутери на вработени

 

Според неофицијалните информации, кои веќе ги објави „Слободен печат“, случајот го пријавил друг компјутерски техничар. Уште во ноември лани тој забележал дека има зголемени активности во компјутерската мрежа во Кабинетот, па имало сомнеж дека во мрежата биле инсталирани вируси за да се собираат податоци од компјутерите на вработените. Откако биле детектирани овие активности и кога случајот бил пријавен во МВР, со денови се „треселе“ и се проверувале сите телефони и компјутери на вработените.

Инаку, осомничениот информатичар бил во претседателскиот кабинет уште во далечната 2012-2013 година, кога се пензионирал како припадник на елитната армиска единица „Волци“, односно бил преземен од Кабинетот во времето кога аѓутант на тогашниот претседател Ѓорге Иванов беше генерал Васко Ѓурчиновски.

Така, поранешниот припадник на „Волците“, кој потоа станал ИТ-експерт откако дипломирал на Славјанскиот универзитет, бил дел од информатичкиот тим и додека претседател бил Иванов, потоа Стево Пендаровски, а сега и Сиљановска-Давкова. Она што е нејасно е кои биле мотивите на информатичарот да направи евентуален упад, со оглед на тоа што работел со договор на дело, но бил долги години во Кабинетот. Па мотивите за ова се поврзуваат со високопозиционирана личност во Кабинетот на претседателката.

Во анонимната пријава потпишана од „група вработени во МВР“, напишани се многу имиња на вработени во Кабинетот, во Агенцијата за разузнавање, па дури и на висок владин претставник, но она што отвора дилеми не е пријавениот ИТ-администратор, кој бил преземен од Кабинетот од друга институција, туку семејната врска на вработен на висока позиција, поставен со доаѓањето на Сиљановска.

Тошковски не откри ништо за видеоснимките

Неговата врска води до земја што не е дел од НАТО-алијансата, поточно до автономна институција на Министерството за одбрана на таа земја. „Слободен печат“ испрати прашања до Кабинетот на претседателката за оваа врска, како и до амбасадата на оваа земја во Македонија, но официјален одговор и потврда не добивме.

Оливер Спасовски за скандалот со наводен шпион во претседателскиот кабинет: Сериозни прашања за безбедносниот кредибилитет на државата

Друг сомнителен момент за кој и завчера не одговори Тошковски во интервјуто за емисијата „360 степени“, е зошто со месеци не се доставуваат видеоснимките од надзорните камери од претседателскиот кабинет, ниту од Кабинетот, ниту, пак, од МВР.

– Нема да навлегувам во детали што се поврзани со предистражна постапка поради тоа што сметам дека тие не треба да бидат споделувани во јавноста во овој момент. Ќе дојде време кога сите детали ќе бидат споделени во јавноста – рече Тошковски.

Обвинителството во одговорот кажа дека копии од видеонадзорот барале од претседателскиот кабинет од почетокот на годинава, но од кај Сиљановска го препратиле во Службата за општи и заеднички работи (СОЗР).

– На почетокот на 2026 година, по добиено известување дека Кабинетот на претседателката не располага со копии од видеонадзорот бидејќи опремата е набавена преку СОЗР, а надлежноста за ракување и чување на записите е кај МВР, предметниот јавен обвинител се обрати и до СОЗР и до МВР за нивно итно обезбедување. Од СОЗР беше добиено известување дека институцијата не располага со видеозаписи, туку дека нивната надлежност се однесува исклучиво на набавка на опремата, додека чувањето и располагањето со копиите од записите е во надлежност на МВР. И покрај тоа, МВР до денес не достави повратни информации, ниту известување за преземени дејствија во врска со обезбедувањето на копиите од видеонадзорот – рекоа од Обвинителството.

„Шпионски талог“ ги ширел сомнежите за аферата за шпионажа, а Абази создавал паника, вели Мицкоски

Сиљановска е збунета, Мицкоски бара да се заборави случајот и најавува дека ќе им дојде крај на некои обвинители, а Тошковски во интервјуто директно ја нападна обвинителката Катерина Коларевиќ, која го води овој случај, но претходно го затвори случајот со злоупотребите на мазутот. За случајот со „Бехтел и Енка“, кој иста така го води таа, истрагата се води од 2024 година, но според информациите од Обвинителството, МВР не одговара на наредбата и ургенциите за јавните набавки и надзорот над изградбата на автопатиштата од американската компанија.

За неа, сега владејачката партија, додека беше опозиција, објавуваше наводи за огромен криминал, кои сè уште не се расчистени. Сега на тапет на власта се обвинителката и шефот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази, кого го поврзуваат со сега опозициската ДУИ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот