Фото: Pexels

Шпанската црква лансира видеоигра за Денот на вљубените, за да поттикне бракови кај младите

Соочени со намалениот број на црковни венчавки, бискупите од шпанската црква ги насочија погледите кон виртуелниот свет, со надеж дека видеоигра која ја лансираат за Денот на вљубените ќе помогне да се привлечат повеќе млади парови кон олтарот, пишува „Гардијан“.

Според најновите бројки, помалку од 18 отсто од сите венчавки во Шпанија во 2024 година – 31.462 од 175.364 – се одржале во црква. Бројките се драматично намалени од 2007 година, кога повеќе од 55 отсто од венчавките се одржале во римокатоличка црква.

Намалувањето на бројот, заедно со високите стапки на развод, ја наведоа шпанската црквата да започне голем број иницијативи во последниве години дизајнирани да ја заштитат и промовираат тајната на бракот.

Нејзината најнова кампања користи видеоигра, „Ниво нагоре! Игра за двајца играчи“, за да се обиде да ги истражи и објасни квалитетите од кои зависи бракот.

Ретроиграта, чиј слоган е „Љубовта е најепската авантура“ (El amor, la aventura más épica), прикажува млад пар, Фран и Елена, кои ги извршуваат своите секојдневни задачи и освојуваат награди додека учат за важноста на трпението, великодушноста, скромноста, интегритетот и емпатијата.

Идејата на играта е да им обезбеди на играчите ситуации од реалниот живот „како што се проблеми на работа, моминска вечера во одморалиште, врска со поранешна девојка“ додека размислуваат за бракот. А, се лансира на време за Денот на вљубените.

– Кампањата е исто така проактивна, со цел да ја покаже убавината на христијанскиот брак. Не е насочена кон оние кои веќе се посветени, туку има за цел да ги охрабри паровите кои сакаат стабилна обврска, да размислат за црковен брак – се вели во соопштението на шпанската бискуписка конференција.

Идејата ја предложија студенти на Понтификалниот универзитет во Саламанка и ја разви професионален дизајнер на видеоигри.

– Претставувањето како игра влегува во дијалог со гејмифицираното општество во кое живееме и, во исто време, овозможува и олеснува размислување за длабоките и суштински елементи во давањето човечка љубов што се неопходни за бракот што го задоволува копнежот за среќа на човечкото срце – се вели во соопштението.

Црквата во Шпанија, исто така, прибегна кон потрадиционални методи во својата потрага да ги охрабри луѓето да стапат во брак. Пред шест години, конференцијата на бискупите отвори курс за предбрачно водство во траење од две до три години, кој беше дизајниран да ги подготви паровите за долгиот пат. Курсот беше осмислен откако црквата одлучи дека 20-часовните лекции што им се даваат на оние што сакаат да ги дадат своите завети пред Бога не се ни приближно доволни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот