Шокантни тврдења: Ватерполо натпревар на Европското првенство во Белград бил наместен?!
Во Белград денеска започна втората фаза од Европското првенство во ватерполо, а пред почетокот на натпреварот меѓу Црна Гора и Шпанија се појави шокантно тврдење во малтешките медиуми. Имено, неколку репрезентативци на Малта се под сомнение дека го наместиле натпреварот против Црна Гора во првата фаза, пишува тамошниот „Тајмс оф Малта“.
Препорачано
Црногорците во рамки на првото коло од групата „А“ очекувано ја совладаа Малта со резултат 21:12, а извори блиски до истрагата наведуваат дека постои сомнеж оти играчите се обложувале на гол-разликата од тој натпревар.
Според наводите, постои сомнеж дека тие наводно планирале да манипулираат со текот на мечот додека играле, со цел конечниот резултат да ги исполни специфичните услови на нивните облози. Да потсетиме, Малта потоа загуби и од Франција (13:22) и од Унгарија (6:21), а истиот медиум тврди дека засега токму натпреварот против Црна Гора е единствениот што е под истрага.
Изворите посочуваат дека и дуелот на Малта против Франција би можел да се најде под лупа доколку се појават дополнителни информации.
Инаку, Црна Гора и Шпанија во главната фаза пренесоа по три бода, Унгарија има шест, Србија пет, додека Холандија и Франција пренесоа еден, односно нула бодови.


