Шекеринска на средба со Ериксен: Посветени сме на градењето интегритет и борбата против корупцијатa

Фото: Миа

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска имаше средба со Свеин Ериксен од Центарот за интегритет на Норвешка, со кој Министерството активно соработува во градењето интегритет во одбранбениот сектор и изработката на втор План за интегритет во периодот 2021-2024 година.

Ериксен е меѓународен експерт со долгогодишно искуство и е добар познавач на состојбите во одбраната во балканските земји, соопшти Министерството за одбрана.

– Министерството за одбрана и Северна Македонија се исклучително посветени на градењето интегритет и борбата против корупцијата. Министерството е институција со највисока активна транспарентност во државата, со исполнување на 100 проценти од критериумите. Целосната транспарентност ја практикуваме и во јавните набавки со што оневозможуваме какво било можно коруптивно однесување. Градењето политики за интегритет е врвен приоритет во нашето работење, рече министерката Шекеринска на средбата.

Таа се заблагодари на експертите на норвешкиот Центар за интегритет за посветеноста и отвореноста за помош и поддршка при изработката на Планот за интегритет 2021 – 2024 кој е во финална фаза на изработка.

– Вие и вашите експерти, заедно со експертите од Министерството изработивте документ кој претставува патоказ за континуирано градење на интегритет во системот на одбраната. Ви благодарам за отвореноста и за интересот да продолжите да нè поддржувате во оваа област, рече министерката.

Ериксен изрази задоволство од соработката со Министерството за одбрана и ја потврди заложбата на Кралството Норвешка за поддршка за унапредување на институционалниот интегритет на Министерството.

Минатата година, Транспаренси Интернешнл ја рангираше нашата земја на високото второ место според интегритетот на работењето во одбраната. Зад Северна Македонија се сите земји од регионот, четири земји кои веќе се членки на Европската Унија и шест земји кои се постари членки на НАТО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот