Шеф на италијански наркокартел си извадил македонски пасош?

Пасоши/ Фото EPA/GEORGI LICOVSKI

Опозицијата продолжи да бара одговорност од државниот врв за аферата со фалсификувани пасоши и да објавува нови детали за лицата што ги добивале, а премиерот Зоран Заев, како и министерот Оливер Спасовски, е на став дека акцијата е изведена професионално, но опозицијата се обидела да ја саботира.  

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски вчера на прес-конференција побара одговорност од власта поради лажните пасоши издадени на криминалци.

– Аферата „Мафија“ на владата на Зоран Заев покажува дека државни структури дале логистика на сериозни наркокартели, мафијаши од балкански, европски и светски карактер. Значи од она што досега беше објавено и изнесено од ВМРО-ДПМНЕ беа легални пасоши и патни документи со украдени или лажни идентитети и тоа за припадници и водачи на црногорско-српскиот Шкаљарски клан, на еден од водачите на турската мафија, на албански наркокартели. Но, ова не е крајот. Денес ќе ви презентираме и нови документи доставени од „свиркач“ до ВМРО-ДПМНЕ. Дали македонски пасош издаден од МВР на Спасовски и Заев имал и еден од главните соработници на италијанската мафија – праша Мисајловски.

Според него, Валид Иса Хмаис, кој важи за главниот перач на пари од трговијата со кокаин на италијанската наркомафија, на 9 јануари 2019 година во Скопје, во регуларна постапка се сликал во управните служби на МВР, а потоа го подигнал македонскиот пасош со украден идентитет на Македонец од Корча, Вурмо Таќо, роден 1965 година.

– Дали е ова вистина или, како што нарекуваат од СДСМ, само перцепција? Валид од 2017 година е во бегство во повеќе држави во светот, а по добивање на македонскиот пасош на име Таќо Вурмо, двапати во јануари 2019 година го искористил македонскиот пасош и преку аеродром Петровец заминал за Турција. Според последните информации објавени во италијанските медиуми наводно се наоѓа на островската држава Маврициус – рече Мисајловски.

Според премиерот Заев, во вршењето на акцијата МВР се однесувало професионално, а со процесирањето на случајот за фалсификуваните пасоши, преку правосудните органи ќе се  испрати пораката дека за криминалот има казнивост.

– Кога некој открива, осознава и активно процесира криминал, тој треба да се награди, а не да одговара. Тие се вредностите насекаде во светот, така и кај нас – истакна Заев, одговарајќи на прашање дали и кога ќе побара одговорност за аферата со пасошите.

На прашање на новинарите кој ќе биде награден за ова акција, и дали тој и Спасовски овозможиле логистика на мафијаши и наркокартели како што обвинува ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Заев упати за детали кај министерот Спасовски, кој, како што рече, се обидувал редовно да го брифира, иако неговиот фокус генерално е на пандемијата.

– Спасовски даде транспарентно детали за сите податоци. Не би можел да прејудицирам одреден одговор на ваквото прашање и треба да го прашате министерот Оливер Спасовски – рече премиерот Заев.

Тој потсети дека ова е неколкумесечна активност што се работи заедно со Интерпол, со регионалниот центар од САД во таа областа и други меѓународни партнери, со цел да се спречат и казнат таквите постапки.

– Луѓето кои се изведени пред суд и им е донесена мерка притвор, се откриени, барем преку 214 државјанства, во целиот овој период, со измислени матични броеви и успешно е направена анализата, документирана, докажана и процесирана пред правосудните инстанции – рече Заев и оцени дека акцијата на МВР е успешно спроведена.

На прашањето во однос на тоа дека некои од осомничените се гледале со некои од коалициските партнери или од СДСМ, премиерот Заев појасни дека никој не можел да знае дали е некој осомничен за нешто, дали некој заднински работел на нелегални пасоши или слично.

– Запознаен сум со тоа кој од колегите од партнерите партии имале средба на негово барање низ чаршијата и на други места и никој не може да каже оти имаат вина поради тоа. А дека некој се обидува да кокетира со одредени политички субјекти во целиот овој период, веројатно за да се спаси или да направи политичка тема од ова прашање, ние нема да дозволиме – рече премиерот Заев.

Седат Пекер од Африка: Немам македонски пасош со лажен идентитет

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот