„Северен пол“ со американска премиера во Њујорк

Краткиот игран филм „Северен пол“ на македонската режисерка Марија Апчевска-Петровска на 25 април ќе ја има својата американска премиера на 51-то издание на фестивалот „New Directors/New Films“ што ќе се одржи од 20 април до 1 мај во Музејот на модерната уметност (МоМА) во Њујорк.

Фестивалот на кој ќе биде прикажан македонскиот краток филм „Северен пол“ ги слави „филмаџиите што зборуваат за сегашноста и ја предвидуваат иднината на кинематографијата и чии смели дела го изнесуваат на површина неочекуваното на впечатлив начин“.

Филмот е во продукција на „Кино око“. Досега учествуваше на повеќе од 40 меѓународни фестивали, освои неколку награди, номинација за Европските филмски награди (EFA) и квалификација за Оскар. Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска и Лука Митев. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, сценограф Кирил Спасески, костимограф Биљана Гргур, дизајн на шминка Горан Игњатовски, монтажер Драган Вон Петровиќ, дизајн на тон Игор Поповски и Бојан Паликуќа, кастинг Киријана А. Николоска.

Продуцент е Роберт Насков, а копродуценти се Милош Љубомировиќ од „Сервиа филм“, Миодраг Поповиќ од „Форгрејд“ од Србија и Петер Шекереш од „Тиволи продукција“ од Унгарија. Филмот финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ и Српскиот филмски центар.

Инаку, оваа година во МоМА ќе бидат презентирани 26 долгометражни и 11 кратки филмови, вкупно 39 режисери, од кои 21 се жени. Фестивалот ќе се отвори со „Случување“ на Одри Диан, добитник на „Златен лав“ на фестивалот во Венеција за 2021 година, филм што ја раскажува приказната за обидите на една млада жена нелегално да абортира во 60-тите години на минатиот век во Франција. На затворањето ќе се прикаже долгометражниот филм „Африканскиот очај“ на Мартин Симс, а другите филмови доаѓаат од различни земји, како Кина, Индија, Норвешка, Аргентина, Мексико, Јужна Кореја, Франција и Руанда.

Фестивалот во Њујорк ќе биде отворен со филмот „Случување“ на Одри Диан

Меѓу другите филмови што ќе се прикажат на фестивалот во Њујорк се и „Албум за младите“ на Малена Соларс, „Станот со две жени“ на Ким-се Ин, „Син остров“ на Чан Це Вун, „Катедралата“ на Рики Ди Амброзе, „Децата на маглата“ на Дием Ха Ле, „Градот и Градот“ на Кристос Пасалис и Силас Цумеракис, „Денот на татковците“ на Киву Рухорахоза, „Љубовен оган“ на Сара Доса, „Целосно време“ на Ерик Гравел, „Дење топло, ноќе ладно“ на Парк Сонг-јеол, „Невините“ на Ескил Вогт, „Дадилка“ на Никјату Јусу, „Еднаш одамна во Калкута“ на Адитја Викрам Сенгупта, „Онода – 1000 ноќи во џунглата“ на Артур Харари, „Аџии“ на Лауринас Бареиша, „Рехана“ на Абдула Мухамед Саад, „Наметка од дијаманти“ на Наталија Лопез Гајардо, „Пеење во дивината“ на Догнан Чен, „Зборување за времето“ на Аника Пинске и „Бела зграда“ на Кавич Неанг.

(Текстот е објавен во ТВ и Филмски печат на 15 април 2022 во весникот „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот