Семејно насилство и насилство врз жените – социолошки феномен кој не смее да се толерира во општеството

Завршна средба на тема „Заедно до брзо решение на семејното насилство и насилството врз жените“/Фото: Скриншот

Само минатата година, во Македонија се регистрирани вкупно 1117 кривични дела од областа на семејното насилство, меѓу кои најзастапени се кривичните дела телесна повреда, загрозување на сигурноста. Според падатоците кои ги соопшти министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, од 1191 жртва дури 942 се жени, сопруги, вонбрачни партнери, мајки или ќерки. Од вкупно пријавени сторители 1154 лица, 1061 се мажи коишто во огромен број употребиле физичка сила со нанесување на телесни повреди на жртвите.

-Со оглед на фактот што станува збор за социолошки феномен чии импликации имаат длабоко кумулативен карактер во жртвите, една цела низа од трауматични консеквенци што нанесуваат долготрајна штета врз жртвата и врз непосредна околина, нашиот стремеж е секогаш треба да биде насочен кон апсолутна институционална и кривично- правна нетолерантност кон семејното насилство и насилството врз жени, дециден е министерот Спасовски говорејќи на трибината на тема „Заедно до брзо решение на семејното насилство и насилството врз жените“ во организација на Националниот совет за родова рамноправност.

Од страна на Министерстото за правда пак се преземени низа активности меѓу кои, како што истакна заменик министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ, се и Законот за паричен надомест на жртвите на семејно насилство и Законот за бесплатна правна помош на жртвите. Исто така во Кривичниот законик првпат се дефинира и родово базираното насилство, половото вознемирување, демнењето за кое е предвидена казна затвор до 3 години како и осакатување на ќенски полови органи кое се казнува со затворска казна од 6 месеци до 5 години.

-Но за нас е важно не само донесувањето на овие акти туку и следење на нивната примена. Се она што е на хартија, треба да го направиме побрзо, потребна е ефикасна примена на сите тие законски акти, нагласи Аврамовска Мадиќ.

И нејзиниот колега заменик министер во Министерството за труд и социјална политика смета Енвер Хусејин смета дека е потребно да се подигне свеста за насилството врз жените и семејното насилство кое во сите облици се јавува во сите општества, но пред него не смее да се молчи и да се игнорира, иако владеат во оваа област кај нас многу стереотипи и традициони сфаќања за семејството. Важен документ за МТСП е Истанбулската конвенција за спречување и борба против насилство врз жените и домашно насилство која е ратификувана од македонското собрание во 2018 година.

-Заштитата, детекцијата и превенцијата од овој облик на криминал е и ќе биде работа исклучиво на координиран и слоевит меѓуинституционален ангажман во кој не е исклучена конкретната партиципација на сите вонинституционални граѓански фактори како што е и овој Национален совет за родова рамноправност, рече Спасовски.

Заменик координаторот во Националниот совет за родова ранмноправнсот Мартина Станковиќ посочи дека соработката помеѓу засегнатите страни е добра, но оти има простор за подобрување.

Завршната средба следува по одржани шест средби на оваа тема, на која учестувале сите релевантни чинители.

-Имаме меѓусекторска соработка, но не е доволна дефинитивно треба да се провери како се применува протоколот за меѓусебна соработка во пракса, да се забрза процесот на решавање на случаите, институциите да дејствуваат паралелно, да не се прави двојна виктимизација на жртвите, да се направат електронски современи софтвери во кои ќе се види текот на случајот. Исто така потребно е и работа на превенција уште од основното училиште со цел препознавање на насилството, порача Станковиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот