Плакат за настанот „Најдоброто од Киненова“ во Кинотеката

Селекција од најдобрите филмови на фестивалот „Киненова“ ќе има проекција во Кинотеката

Во Кинотека на Македонија од 21 до 24 јануари ќе бидат прикажани избрани содржини од фестивалот „Киненова“, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики.

Станува збор за филмови кои биле наградени на „Киненова“, како: „Помеѓу боговите“ на Вук Ршумовиќ, „Чувари на формулата“ на Драган Бјелогрлиќ, „Паноптикон“ на Ѓорѓи Сикарулиѕе и други наслови.

Под мотото „Најдоброто од Киненова“, љубителите на филмската уметност ќе можат да погледнат филмови што со ангажиран и аналитичен пристап отвораат културни и општествени прашања. Во ова зимско издание на „Киненова“ ќе може да се погледнат и филмовите „Таква каква што сум“ на Даг Јохан Хаугеруд, кој годинава беше гостин на „Киненова“, и „Татко“ на Срдан Голубовиќ, кој беше член на жирито на јубилејното издание на МФФ „Киненова“.

Програмата ќе биде отворена на 21 јануари, во 18 часот, со проекција на филмот „Исчезнатиот“ на Арбен Тачи (Македонија, Косово, Албанија / 2021 / 100 мин.), додека во 20 часот е „Помеѓу боговите“ на Вук Ршумовиќ (Србија / 102 мин.).

На 22 јануари (четврток), програмата ќе почне во 18 часот со „Таква каква што сум на Даг Јохан Хаугеруд (Норвешка / 2012 / 118 мин.), во 20 часот е „Беше некогаш во Газа“ на Араб Насер и Тарзан Насер (Палестина, ОАЕ, Франција, Португалија / 2025 / 90 мин.), додека во 22 часот е проекцијата на „Чувари на формулата“ на Драган Бјелогрлиќ (Србија, Црна Гора, Словенија, Македонија / 2023, 120 мин.).

Програмата на 23 јануари (петок) ќе почне со „Татко“ на Срдан Голубовиќ (Србија / 2020 / 120 мин.), додека во 20:30 часот е проекцијата на филмот „Изгубениот сон на тимот од соништата“ на Јуре Павловиќ (Хрватска, Србија, Словенија, Италија / 2025 / 85 мин.), во кој играат Владе Дивац, Јуре Здовц, Жарко Паспаљ, Дино Раџа, Зоран Јовановиќ, Тони Кукоч и други. Станува збор за приказна за југословенската кошаркарска репрезентација која го освои златниот медал на Европското првенство во 1991 година. Легендарните кошаркари стоеја на подиумот и гледаа како се крева знамето на нивната тогашна земја Југославија – направија сè за слава на земјата која, всушност, престана да постои три дена претходно.

На 24 јануари (сабота) ќе бидат прикажани уште два играни филма. Во 18 часот е проекцијата на „Среќен“ на Сандеп Кумар (Австрија / 2024 / 110 мин.) и во 20 часот е филмот „Паноптикон“ на Ѓорѓи Сикарулиѕе (Грузија, Франција, Италија / 2024 / 95 мин.). Последниот филм ја доби Гран-при наградата на МФФ „Киненова“ во 2025 година за најдобар филм на фестивалот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот