Селаковиќ: Со отворањето на Конзулат во Охрид покажуваме почит кон братскиот македонски народ и кон македонскиот јазик и култура

Никола Селаковиќ, министер за надворешни работи на Србија/Фото: МИА

Со отворањето на нашиот Конзулат во Охрид покажуваме почит кон македонскиот јазик и култура и кон братскиот македонски народ, изјави денеска во Охрид министерот за надворешни работи на Србија Никола Селаковиќ.

– Нема култура без јазик. Минатата година Македонија ја одбележа 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески во знак на почитување кон тој голем јубилеј кој е значаен за братскиот македонски народ. Во знак на почит кон моите пријатели – домаќини од Република Северна Македонија, охриѓанките и охриѓаните јас вчера се обратив на македонски јазик и знам колку е тоа убаво кога некој ќе ви дојде на гости од друга земја и на тој начин покаже почит. Но, со тоа покажувам дека не само што ги почитувам домаќините, туку и македонскиот јазик и македонската култура, која тој јазик ја изнедри. Во таа смисла и како Република Србија и како Србин кој има многу пријатели, кумови, соработници кои се по потекло од Македонија, кои се Македонци  јас сум горд на тоа наше пријателство. Всушност, ценејќи ја и уважувајќи ја културата дојдов овде не само да го отворам нашиот Конзулат, туку и да покажам почит спрема своите домаќини, рече Селаковиќ на новинарско прашање по отворањето на Конзулатот во Охрид каде присуствуваа и вицепремиерката Славица Грковска и министрите за правда и за култура Никола Тупанчески и Бисера Костадиновска Стојчевска.  

Како што посочи Селаковиќ, како шеф на српската диплоамтија, негова задача е врз основа на насоките на надворешна политика на Белгард, на претседателот Александар Вучиќ и Владата на Србија е да ги зајакнува добрососедските односи со соседите.

– Наш сосед е и Бугарија, наш сосед е и Република Северна Македонија. Секој го избира својот пат. Србија го избра патот на јакнење на заедништво, јакнење на соработката, јакнење на што поголема економска соработка. Овде денеска беше присутен и претседателот на Комората на Србија и Србија ќе продолжи да го прави тоа. Ние се грижиме за нашите проблеми, си ја тераме нашата работа, а другите нека си ги вршат своите работи, рече Селаковиќ.

Конузлтот во Охрид е 86-ти почесен конзулат на Србија во странство и ќе ги покрива териториите на општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани, Дебар и Центар Жупа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот