Отворен српскиот Конзулат во Охрид: Сѐ почнува и сѐ завршува со културата

Отворен српскиот конзулат во Охрид/Фото. Министерство за култура

Потврда и силен поттик за унапредувањето и за продлабочување на билатералната соработка меѓу нашите две блиски и пријателски земји, во сите области од заемен интерес, посебно на планот на економско-трговската соработка, културата и особено во делот на туризмот, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на отворањето на Конзулатот на Република Србија во Охрид.

-Охрид, како и досега, е привлечна дестинација за српските туристи, кои се секогаш добредојдени, во што поголем број. Со особено задоволство можам да констатирам дека Република Северна Македонија и Република Србија имаат извонредни односи во областа на културата кои се материјализираат низ реализација на голем број проекти од сите сфери од творештвото. Потврда за ова се и потпишаните програми за културна соработка меѓу министерствата за култура на двете земји кои особено придонесоа во зацврстувањето на културните врски и ги охрабрија новите иницијативи, додаде таа.

Костадиновска-Стојчевска најави дека наскоро се очекува да биде потпишана и новата Програма за културна соработка, која значајно ќе ја збогати презентацијата на македонската култура во Србија, но и претставувањето на српската култура во нашата земја.

– Светла иднина нашите две држави имаат и во рамките на иницијативата „Отворен Балкан” каде што имаме можности за заедничка соработка. Тука сме да ги помогнеме културата и уметноста во нивната мобилност, во отворањето заеднички фондови, размена на информации и искуства, заеднички настапи, да внесеме иновативност и да ги обединиме нашите потенцијали, рече министерката.

Таа додаде дека развитокот на културниот простор во кој сложно живееме и во кој учиме едни од други, создава предуслови и за развојот на економските и на политичките врски.

– Сѐ почнува и сѐ завршува со културата. Пред нас постои силен предизвик да се впуштиме во оформувањето на заедничките интереси важни за иднината на нашето минато и за идентитетот на нашата сегашност, заклучи Костадиновска-Стојчевска.

Заедно со министерката на отворањето на конзулатот беше присутен и српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ, Невена Јовановиќ, амбасадорка на Република Србија во Република Северна Македонија, а присуствуваше и почесниот конзул на Србија во Охрид, Михајло Филев.

Одлуката за отворање на својот Конзулат во Охрид, Србија ја донесе минатиот месец, а српскиот Конзулат во Охрид ќе ги покрива општините Охрид, Струга, Вевчани, Дебарца, Кичево, Дебар и Центар Жупа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот