Сексуализирана професија: Како „Стјуардесите за женски права“ ја променија историјата?

Фото: Profimedia

Во шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век, митот за „промискуитетната небесна келнерка“ која требала да ги задоволи каприците на патниците, бил глобално распространет. Сепак, група активистки, кои себеси се нарекувале „Стјуардеси за женски права“, ја променија историјата, пишува „Национална географија“.

Доколку пребарате „напад на стјуардеса“ на некој интернет пребарувач, можно е да доживеете вистинско непријатно изненадување. Имено, само во изминатите неколку години, лесно може да се најдат десетици случаи на насилство врз женскиот дел од кабинскиот екипаж, инспирирано од повеќе различни мотиви, при различни летови низ светот.

Фото: ullstein bild / ullstein bild / Profimedia

Сепак, ова не е неодамнешен феномен. Авторката Нел Волфкарт, која нè запознава со еволуцијата на дел од авиоиндустријата во нејзината книга „Големиот бунт на стјуардесите“ („The Great Stewardess Rebellion“), вели дека пред нешто повеќе од педесет години „несоодветното“ однесување на машките патници кон стјуардесите била честа појава. За време на летот, мажите постојано ги омаловажувале, навредувале, несоодветно ги допирале, па дури и физички ги напаѓале стјуардесите на нивното работно место. Но, нештата да бидат полоши – сѐ ова често се случувало со премолчено одобрување на авиокомпаниите.

И додека овие жени трпеле различни форми на насилство, авиокомпаниите не ги рекламирале своите услуги врз основа на дестинациите или безбедносните записи на нивните летови, туку врз убавината на стјуардесите кои биле вработени кај нив. Во минатиот век, овие жени биле „главен извозен бренд“ на моќните авиокомпании. Телата и лицата на убавите стјуардеси ги заземале насловните страници и централното место на речиси сите телевизиски реклами на авиокомпанијата.

Фото: Jacques Rouchon / akg-images / Profimedia

Сексуализирани реклами

Во седумдесетите години на минатиот век, една американска авиокомпанија ги облекла своите стјуардеси во тесни и кратки портокалови панталони и „го-го“ чизми. Од друга страна, друга авиокомпанија експериментирала со „вестерн“ комбинации, додека третата отишла уште подалеку, дизајнирајќи хартиени униформи за своите вработени.

Сепак, ова било само почеток. Многу бргу во јавноста се појавиле реклами кои се фокусирале исклучиво на членовите на кабинската екипа. Многу популарен авиопревозник постигнал огромен успех со својата кампања „Fly Me“ („Летај ме!“), во која стјуардесите заводливо гледаат кон камерата и ја канат публиката да лета со нив. На пример – „Јас сум Џуди. Летај ме“.

Меѓутоа, колку рекламите биле попровокативни и посексуализирани, и колку униформите биле пооскудни, толку потешко им било на стјуардесите да ги натераат патниците да ги сфатат сериозно. За време на летовите, мажите се однесувале недолично кон нив и ги допирале. Сепак, насилството врз стјуардесите кулминирало во 1967 година, кога за време на евакуација, патник ја повлекол стјуардесата, а потоа ја фрлил од авионот, велејќи ѝ: „Не треба да си тука“.

На моменти и самите авиокомпании недвосмислено ги „нуделе“ своите стјуардеси како секс-објекти. Во средината на седумдесеттите, раководството на една компанија донела одлука со која нивните стјуардеси морале да ги пречекуваат мажите со бакнеж во образ на влезот од авионот.

Во тој период, многу авиони имале и свои коктел барови. Патниците многу пиеле, фрлале пикавци на подот и, секако, ги навредувале стјуардесите. Поради оваа причина, се кренал бунт меѓу работниците во авиокомпаниите, кои протестирале, а набргу потоа стапило на сила и правилото за контрола на алкохолот кој се продава за време на летовите.

Стјуардесите го возвраќаат ударот

Во 1972 година, разбеснети од однесувањето на патниците и авиокомпаниите – нивните дискутабилни реклами и „слатки“ униформи, група жени кои себеси се нарекувале „Стјуардеси за правата на жените“ решиле да возвратат. Тие излегле на улиците, марширајќи пред маркетинг агенциите во Њујорк кои ги создавале овие сексистички кампањи.

„Авиокомпаниите нѐ претвораат во секс објекти. Ја губиш самопочитта. Луѓе не те сметат за професионалец, па веќе не се ни замислуваш како професионалец“, раскажа една од основачките на групата, Сандра Џерел за „Лос Анџелес тајмс“ во 1972 година.

Жените особено ја мразеле играта со зборови скриена во паролата: „Fly Me“ („Летај ме“), па покажувале транспаренти на кои пишувало: „Go Fly Yourself!“ („Оди и летај се сам!“). Тие, исто така, снимиле и емитувале повеќе контрареклами кои покажуваат како третирањето на стјуардесите како секс објекти ги става клиентите во ризик.

Од 1972 до 1976 година, „Стјуардесите за женски права“ организирале бојкоти на различни компании и се погрижиле медиумите да дознаат за нивните напори.

Фото: SDSAM / Alamy / Alamy / Profimedia

Нивната борба сѐ уште трае

Иако ерата на сексистички кампање одамна завршена, митот за „промискуитетната небесна келнерка“ постои и ден-денес. Сепак, децениската борба за почит на стјуардесите дала резултати. Нивниот активизам резултирал со првиот федерален закон со кој се регулира пушењето на работното место во 1989 година. Во 2003 година, по терористичките напади од 11 септември, нацијата била принудена да ја преиспита безбедноста на авиокомпаниите, а активистите за правата на стјуардесите конечно го убедиле Конгресот да ги лиценцира како професионалци за безбедност.

Борбата против насилните патници сѐ уште трае. Здружението на стјуардесите, најголемиот таков синдикат во државата, побара од американскиот Конгрес да создаде список за забранети летови за сите авиокомпании. Овие активисти редовно ги информираат медиумите за тоа како јавноста се однесува кон нив, додека посетувањето на часовите за самоодбрана практично стана незаменлив дел од нивната професија.

Иако и денешното насилство на стјуардесите е вознемирувачко, многу помал број луѓе сè уште ги доживуваат овие работници како „кукли“ кои треба да ги задоволат каприците на патниците. Денешните стјуардеси ги следат стапките на нивните претходници, користејќи ги синдикатите, медиумите и законите за да се борат за своите права.

Разговор со Сандра Кирков, поранешна стјуардеса: Насмевката е многу важна!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот