Фото Стојанче Јовановски „Слободен печат“ Драган Митрески

Секоја вечер кога Стојанче ќе се врател дома издрогиран, ја тепал Ивана пред Катја, сведочи Мартин Саздов

Сведокот Мартин Саздов во своето сведочење денеска истакна дека Стојанче Јовановски се дрогирал во негово присуство уште откога го познава, кога работеле заедно во Пожарна, а Ивана и Катја страдале во негово присуство – особено откако Стојанче бил фатен со дрога од страна на полицијата. Тогаш Стојанче почнал да ги обвинува Ивана и Саздов „дека го наместиле со дрога“. Саздов сведочеше дека Стојанче ѝ се заканувал на Ивана дека ќе објави експлицитни видеа од неа, за да ја посрамоти – од тоа ѝ било многу страв.

-Ми велеше каква слика ќе биде тоа за мене пред Катја, а јас ја смирував дека ќе ѝ бидам поддршка за сè – сведочеше Саздов.

Истовремено, тврдеше Саздов, Ивана сакала да си го врати станот зашто Катја си ја барала собата, а тоа бил имот за кој таа работела, плаќала кредит. Стојанче, во меѓувреме, на ниеден начин не придонесувал за домашниот буџет, туку напротив, економски ја експлоатирал сопругата – ја натерал да извади 40 илјади денари од својата кредитна картичка и да му ги даде. Катја и во училиште зборувала дека татко ѝ ја тепа мајка ѝ, па училиштето ја препратило Ивана на психолошко советувалиште.

-Многу се плашеше дека ќе ѝ ја земе Катја. Ми велеше: „Многу ја сакам Катја, таа ми е животот, се плашам да не ми ја земе Катја“. Ми кажа дека секоја вечер кога Стојанче ќе се врател дома издрогиран, ја тепал пред Катја – рече Саздов.

Потоа Саздов ја убедувал Ивана да си оди, да живее кај мајка ѝ, нудејќи ѝ пари за кирија, но таа не прифаќала од причина што сакала да го задржи имотот за кој отплаќала кредит. Според Саздов, Ивана „била многу психички падната“ поради малтретирањето од Стојанче и истовремено била многу исплашена. Отишла во психолошкото советувалиште и почнала да пие антидепресиви.

-Ивана побара помош за дарот, станот, да ѝ се врати од двајца адвокати. Едниот Асмир, другиот не го знам. Сакаше да поднесе тужба за развод и да си го врати дарот. Првата тужба за развод била повлечена поради закани и уцени. Ми кажа дека отсекогаш сама се трудела за станот, финансиски, со уредување, ја плаќала ратата за кредитот, ми рече дека не може да го остави станот зашто тоа ѝ било сè за кое се трудела цел живот. Мајката на Ивана ме прашуваше дали знам нешто за неа зашто ја гледа со модринки по телото и дека многу се затворила. Ѝ кажав дека таа се тргна од мене и се врати во станот.

Ми пишуваше на Вибер тетка Буба, дали знам како е Ивана, а истото ја прашував и јас неа. После некое време тетка Буба ми пиша дека ја чула како разговара во соба на телефон со плачење дека зела пари од некаде, дека требала да ги врати парите. Јас ѝ кажав дека не знам ништо и ќе се обидам да разговарам со Ивана и ќе и помогнам да ги врати парите. Ивана ми се јави од кај мајка ѝ да ми каже дека Стојанче нè посочува нас двајца дека „сме го наместиле со дрога“. Ја смирував дека си има институции, ќе се докаже сè.

Ја прашав каде должи пари, прво не сакаше да ми каже, ја молев да каже каде должи. Почна да плаче и ми призна дека Стојанче ја натерал да извадат 40 илјади денари од нејзината кредитна картичка. Ѝ понудив да платам, не сакаше да земе, рече: „Ќе си платам, ќе се снајдам“. Стојанче никако не придонесуваше кон Ивана и Катја. Ивана ми кажуваше дека се мачела сама, сама плаќала сметки за станот и кредит, дека кога Катја почнала да оди на училиште, сама купувале сè за Катја, се мачела. Мене ми беше многу жал, отидов да ѝ купам на Катја тетратки и сè што ѝ треба за прво одделение. Катја беше многу среќна. Ивана ми кажуваше дека Стојанче ја надгледува, кога одела дома во тој стан, одела со страв само за да се пресоблече и да ја земе Катја – рече сведокот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот