На хартија, само 2,6 отсто од семејствата во Македонија се еднородителски, но дали реалноста е посурова?
„Во нашиот закон не е дефинирано и еднородителското семејство, туку самохраното, затоа се 2,6 отсто. Во реалноста, процентот на деца што живеат со само еден родител е повисок“, вели Елена Божиновска од „Млади од семејна разновидност“.
Поговорката „потребно е цело село за да се одгледа едно дете“ звучи убаво, но за многу домаќинства реалноста е дека само еден возрасен ја носи целата одговорност.
Препорачано
Истражување на „Евростат“ покажува дека во Македонија, како еднородителски семејства влегуваат 2,6 проценти, но Елена Божиновска од Здружението „Млади од семејна разновидност“ вели дека, сепак, во реалноста оваа бројка е повисока.

„Гледајќи формално, во нашиот закон не е дефинирано и еднородителското семејство, туку самохраното, затоа се 2,6 отсто. Пример, ако се дефинира дека по развод се грижи само еден родител, тогаш бројката ќе биде многу повисока. Само преку опкружувањето на нашето здружение знам 15-20 случаи кога ќе се разведат родителите, тие нема да зборуваат меѓусебно, па детето останува само со мајката или со таткото. Другиот родител воопшто не го гледа. Реалноста е таа“, вели Божиновска за „Слободен печат“, дополнувајќи дека уште позагрижувачки е што расте стапката на сиромаштијата кај луѓето кои сами чуваат деца.
Божиновска потсетува дека според податоците на Пописот од 2021 година, постојат 26.000 семејства со самохрани мајки и над 9.000 со самохрани татковци, во кои има барем едно дете под 25 години.
„Иако законодавството во Македонија делумно ги опфаќа потребите на младите од самохраните семејства, сепак не ги зема предвид оние од еднородителски семејства, а отсуството на сеопфатно правно признавање остава многу млади луѓе без есенцијална социјална поддршка. Унапредувањето на признавањето во рамки на легислативата може да помогне во справување со значителните проблеми, како на пример пропустите и празнините во поддршката за деца, како и пристапот од образование, што во крајна линија значи унапредување на еднаквите можности низ спектарот на различни типови семејства“, стои во лански извештај на „Млади од семејна разновидност“.
Што вели истражувањето на Евростат?
Истражувањето на „Евростат“ покажа дека во Европската Унија во 2025 година имало околу 6,1 милиони еднородителски семејства, што значи дека 1 од 8 домаќинства со деца (12,9 отсто) се потпира на само еден возрасен.
Овој феномен е најекстремен во Естонија, каде дури 4 од 10 домаќинства со деца (40,6 отсто) се со еден родител, што е највисок процент во ЕУ.
Слични високи бројки имаат и Литванија (32,7 отсто) и Латвија (28,5 проценти). Најбезбедни во поглед на двородителското одгледување се Словачка (само 3,1 отсто еднородителски домаќинства), Грција (3,8 отсто) и Словенија (4,0 отсто).
Статистиката потврдува дека овој товар во огромно мнозинство паѓа на плеќите на жените. Дури 81,6 отсто (5 милиони) од овие домаќинства се предводени од самохрани мајки, додека самохраните татковци сочинуваат 18,4 проценти. Повеќето од овие семејства (60,1 отсто) се со едно дете.


