Фото: Pexels / Amina Filkins

Седум знаци кои откриваат дека вашето куче знае дека сте бремени

Многу сопственички на кучиња се прашуваат дали нивните миленици можат да насетат бременост, понекогаш дури и пред тие самите да станат свесни за промените во телото.

Благодарение на извонредното сетило за мирис и чувствителноста на најмалите промени во однесувањето, некои кучиња навистина почнуваат да покажуваат необични реакции кога нивната сопственичка очекува бебе.

Иако овие промени во однесувањето на кучето на почеток лесно може да се превидат во секојдневниот хаос, тие можат да бидат првиот сигнал дека нешто се случува, пишува „Парада петс“.

Како кучињата можат да почувствуваат бременост?

Иако не постојат цврсти научни докази дека кучињата свесно „знаат“ дека некоја жена е бремена, ветеринарите се согласуваат дека тие се исклучително вешти во откривање промени во својата околина и кај своите луѓе. Бременоста носи низа такви промени одеднаш.

– Многумина претпоставуваат дека кучињата можат да ја намирисаат бременоста и пред жената да дознае дека е бремена – рекла д-р Хилари Хам-Бити, ветеринарка.

Таа објаснува дека знаењето за кучешкото сетило за мирис ја поддржува таа идеја.

– Сетилото за мирис кај кучето може да биде и до 100.000 пати почувствително од нашето. Голем дел од мозокот на кучето е посветен токму на мирисот – истакнала д-р Хам-Бити.

– Научниците се сомневаат дека кучињата можат да ги намирисаат промените во нивото на естроген и прогестерон, како и други промени во феромоните во раната бременост. Веројатно забележуваат и промени во телесната температура на жената или начинот на движење и одење – додала таа.

Колку рано кучето може да ги почувствува промените?

Иако кучето може да насети бременост благодарение на својот мирис и интуиција, не е сигурно колку рано може да го открие тоа.

– Колку рано кучето може да открие бременост не е познато и многу варира. Веројатно зависи од самото куче, неговата личност и карактер – рекла д-р Хам-Бити.

Некои кучиња може да покажуваат промени во однесувањето многу рано, додека други можеби воопшто нема видливо да реагираат.

Седум знаци дека вашето куче можеби чувствува бременост

Д-р Хам-Бити укажува на студија од 2025 година, која открила дека повеќе од 25 проценти од испитаниците пријавиле промена во однесувањето на своето куче пред да дознаат за бременоста.

Во продолжение ги пренесуваме седумте знаци на кои, според д-р Хам-Бити, треба да се обрне внимание.

Ве душка почесто од вообичаено

Еден од првите знаци може да биде дека кучето почнува почесто и поинтензивно да ве душка. Можеби се чувствувате изморено и мислите дека ве фаќа настинка, но вашиот миленик можеби ја насетува вистинската причина.

– Тоа веројатно се должи на големите промени во хормоните и хемијата на телото што кучешкиот изострен мирис лесно ги забележува. Подоцна во бременоста, кучето би можело да ги почувствува движењата на бебето и од љубопитност да го душка стомакот – рекла д-р Хам-Бити.

Ве следи насекаде

Некои кучиња стануваат поприврзани и почнуваат да ја следат сопственичката низ домот, дури и во бањата, што претходно можеби не го правеле. Иако некои кучиња природно се склони кон такво однесување, ненадејната промена може да биде знак на бременост.

Во споменатата студија, повеќе од 64 проценти од сопствениците на кучиња верувале дека нивните миленици се промениле за време на бременоста.

– Овие кучиња можеби ги намирисуваат промените во хормоните или забележуваат промени во однесувањето на сопственичката, како замор, поретки прошетки или поголема раздразливост – рекла д-р Хам-Бити.

Почесто бара галење

Ако вашето куче одеднаш ве опсипува со повеќе галење, бакнежи и бара повеќе физички контакт, тоа може да биде уште еден суптилен знак. Според д-р Хам-Бити, ова не е само знак на љубов, туку и на кучешка интуиција.

– Некои кучиња едноставно се поприврзани и сакаат да се галат. Тие се наши блиски придружници, многу чувствителни, интуитивни и проникливи кога станува збор за нашето однесување и можат да почувствуваат рана бременост користејќи ги тие особини – објаснила таа.

Станува заштитнички настроено

Галењето не е единствениот начин на кој кучето може да реагира. Во некои случаи, кучињата можат да станат позаштитнички настроени и пореактивни како што напредува бременоста. Ако забележите дека вашето куче е погласно или повнимателно во ваша близина, тоа може да биде причината.

– Еден од начините на кои кучето може да реагира е да стане позаштитнички настроено и пореактивно околу вас отколку што било претходно – рекла д-р Хам-Бити.

На пример, кучето може да почне да лае по странци или да стане повнимателно кога некој се приближува, дури и ако тоа обично не го прави.

Ја блокира влезната врата

Уште еден знак на заштитничко однесување е кога кучето почнува да биде територијално настроено кон вас. Може физички да ја блокира влезната врата или да застане помеѓу вас и посетителите.

Д-р Хам-Бити објаснува дека ова е „реактивен“ одговор, при што кучето преминува во побудна, заштитничка состојба, преземајќи улога на „куче чувар“. Дали кучето ќе биде поприврзано или позаштитнички настроено зависи од самото куче, напоменува таа.

Се оддалечува повеќе од вообичаено

Интересно е што не реагираат сите кучиња со зголемена приврзаност. Некои, напротив, можат да почнат да се држат настрана. Додека некои кучиња бараат дополнителна блискост, други можат да создадат поголема дистанца меѓу себе и сопственичката.

– Кучињата можат да намирисаат големи промени во хемијата на телото. Исто така може да ја забележи непријатноста кај жената или потребата за личен простор, а сето тоа може да го промени неговото однесување – објаснила д-р Хам-Бити.

Во такви случаи, важно е кучето и понатаму да добива внимание на начин што му одговара.

Краде облека

Ако вашето куче почне да краде облека или чорапи од корпата за алишта, особено кога не сте дома, и тоа може да биде поврзано со бременоста. Иако изгледа необично, ова однесување често е поттикнато од љубопитност поради мирисот.

– Кучињата можеби ја крадат вашата облека затоа што се љубопитни за мирисот на хормоните и феромоните поврзани со бременоста. Крадењето на тие предмети со интересен мирис исто така може да биде начин кучето да биде блиску до вас. Тоа може да биде и знак дека му треба повеќе внимание ако се чувствува запоставено – открила д-р Хам-Бити.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот