Седум кандидати во трка за претседателската фотелја

Претседателски избори/ Фото: „Слободен печат“, Елисавета Бејкова

Во Македонија денеска се одржуваат седмите претседателски избори, а во трка се седум кандидати. Право на глас имаат 1.814.317 избирачи, од кои за гласање во државата се запишани 1.713.758 избирачи, на 3.480 избирачки места во целата земја. Избирачките места се отвораат во 7 часот, а гласањето трае до 19 часот.

Под реден број еден на гласачкото ливче е Стево Пендаровски, поддржан од СДСМ и коалицијата, под број два е предлогот на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска, број три е кандидатот на ГРОМ – Стевчо Јакимовски. Под број четири е кандидатот на ДУИ, Бујар Османи, под број пет е Билјана Ванковска-Цветковска, кандидат на Левица. Под број шест е Арбен Таравари од Алијанса за Албанците и под број седум е кандидатот на ЗНАМ – Максим Димитриевски.

Вчера гласаа болните и изнемоштените, затвореници во Казнено-поправните домови и лицата во притвор, во старските домови и дијаспората.

Претседателски избори/ Инфографик: „Слободен печат“, Елисавета Бејкова

За следење на изборите пријавени се вкупно 942 набљудувачи, странски новинари и преведувачи.

Како што е објавено на веб страницата на ДИК, заклучно до 19 април се акредитирани 342 домашни и 568 странски набљудувачи и преведувачи, од кои најбројни се од ОБСЕ/ОДИХР – 375.

Од домашните најбројни ќе бидат набљудувачите на Здружението за развој на општествено – социјални иновации „ВАКЕ УП“ – Скопје – 182.

Освен овие организации акредитирани за набљудување на изборите се и Здружението на граѓани ЦИВИЛ – Центар за слобода – Скопје, Здружението за промоција и развој на инклузивно општество Инклузива Куманово, Фондацијата Ромите за демократија – Скопје, Парламентарното Собрание на Советот на Европа – ад хок комисија за набљудување претседателските избори во Македонија, Националниот демократски институт за Надворешни работи, Вашингтон САД, Центарот за развој на изборни системи, реформи и обука (тренинг центар) на Централна Изборна Комисија на Грузија, Амбасадата на Република Словачка во Скопје, Центарот за развој на изборни системи, реформи и обука (тренинг центар) на Централна Изборна Комисија на Грузија и Европската асоцијација за дијалог и демократија – Берген, Норвешка.

Изборите за шеф на државата ќе ги следат и 32 странски новинари, меѓу кои и од агенциите Ројтерс и Франс прес, Еуроњуз Албанија, Европската прес фото агенција – ЕПА, Ал Џазира Балкан, Гласот на Америка – македонска редакција, Топ Канал Албанија – отсек Косово и други.

Согласно преодната одредба од измените на Изборниот законик која ќе се применува само за изборите оваа година, избирачите ќе може да гласаат со лична карта или со патна исправа чијашто важност истекла во периодот од девет месеци до денот на одржување на изборите. На претседателските избори утре ќе може да гласаат граѓаните на кои по кој било основ, по сила на закон или по рок на важност им истекле личните документи на 24 јули 2023 година до 24 април.

Во првиот круг победник може да биде кандидат кој освоил мнозинство гласови од вкупниот број избирачи, односно 907.159 гласови.

Доколку во првиот круг никој не го добие потребното мнозинство, во вториот круг одат двајцата кандидати кои освоиле најмногу гласови во првиот круг.

Вториот круг на гласање се одржува во рок од 14 дена од завршувањето на првиот круг на гласањето, во случајов на 8 мај. За претседател ќе биде избран кандидатот кој добил мнозинство од гласовите, доколку на гласачките места излегле повеќе од 40 отсто од запишаните избирачи, односно 725.727 гласачи, што е предвидено во Изборниот законик, а за него гласале 362.864 избирачи.

Доколку и во вториот круг ниту еден од двајцата кандидати не добил потребен број гласови, се повторува целата изборна постапка.

Денот на одржување на претседателските избори и евентуален втор круг што ќе се одржи на 8 мај заедно со парламентарните избори, се неработни за сите граѓани на Македонија, во согласност со Заклучокот на техничката влада.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот