Фото: Монтажа

Се затвора чадорот на Орбан над Балканот: Вучиќ прв се обиде да ги одмери силите со Маѓар

Засега не е јасно во која насока ќе се движи новиот унгарски премиер Петер Маѓар и каков ќе биде неговиот однос со балканските лидери што беа цврсто наклонети кон Виктор Орбан. Минатото на Маѓар, како и неговата поврзаност и подоцнежен конфликт со Орбан, можат да бидат индикатор, но не и детерминанта за јасно одредување на неговата политичка траекторија, со оглед на неговата сегашна реторика, која покажува јасна наклоност кон Брисел. Во игра се повеќе фактори, а реториката сама по себе е слаб доказ за извлекување цврсти заклучоци.

Српскиот претседател Александар Вучиќ го скрши мразот и стана првиот лидер што влезе во конфликт со новиот унгарски премиер Петер Маѓар. Вучиќ му ја честиташе победата, но Маѓар не чекаше долго за јасно да ја постави својата реторика кон српската власт и кон Кремљ, односно кон Владимир Путин. Тој алудираше дека рускиот претседател е „кумот“ што ги влече конците во Србија и во Словачка.

– Точно знам што се случува во Србија, а знам и каква испреплетеност постои меѓу владата на Орбан и Србија предводена од Вучиќ, како и меѓу словачкиот Роберт Фицо и Виктор Орбан. Отприлика знам и кој стои зад ова, кој е кумот зад овие големи пријателства – рече Маѓар завчера на меѓународната прес-конференција, додавајќи дека се сомнева оти наводното пронаоѓање експлозив во близина на гасоводот „Турски тек“ во Србија, недалеку од унгарската граница, „е очигледна операција под лажно знаме“.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Русија нема да му ја честита победата на Петер Маѓар бидејќи „Унгарија е непријателска земја“. Вучиќ остро реагираше на изјавите на новиот унгарски премиер.

– Тој рече дека знае кој стои зад таквите односи меѓу Орбан, Фицо и Вучиќ. А јас го прашувам: кој стои зад тоа? Ајде, одговори ми! Тој нема поим… алудира дека тоа можеби е Путин. Да не бев загрижен за односите со Унгарците во нашата земја и со самата Унгарија, неговата изјава би ја нарекол бесмислена и неодговорна – рече Вучиќ.

И, можеби со ова завршува целата таа десничарска „оска на влијание“ од Русија, преку Унгарија, до Балканот, а ова се првите политички сигнали што не покажуваат само оладување на односите, туку и отворени непријателства меѓу Унгарија и нејзините претходни сојузници. Но, можеби станува збор за остра реторика со која лидерите ги таргетираат ушите на своето гласачко тело, додека, пак, во пракса нештата би функционирале поинаку и нема да бидат дотолку остри.

Каков и да е случајот, јасно е дека Маѓар во моментов ги тестира границите, иако засега не е јасно во која насока ќе се движи и каков ќе биде неговиот однос со балканските лидери што беа цврсто наклонети кон Виктор Орбан. Минатото на Маѓар, како и неговата поврзаност и подоцнежен конфликт со Орбан, можат да бидат индикатор, но не и детерминанта за јасно одредување на неговата политичка траекторија, со оглед на неговата сегашна реторика, која покажува јасна наклоност кон Брисел. Во игра се повеќе фактори, а реториката сама по себе е слаб доказ за извлекување цврсти заклучоци.

Дали вреди непријателството да се плати од џеб?

Засега, споредено со Виктор Орбан, кој ја претвори Унгарија во регионален заштитник на Србија и на Република Српска во ЕУ, Маѓар не покажува таква иницијатива и волја. Сепак, Маѓар ги има предвид и националните интереси на својата земја кои зависат од разни проекти со Србија. Прашање е дали таа економска соработка ќе биде прекината бидејќи таквиот потег би бил скап за двете држави и засега не изгледа оправдан во однос на тежината на политичките разлики.

Србија и Унгарија имаат силна институционализирана соработка, заеднички стратешки совет и многу договори, а новиот нафтовод Србија – Унгарија е планиран како енергетски проект со рок до 2028 година. Проценетата вредност на проектот е 157 милиони евра за српскиот дел од гасоводот. Веројатно, Маѓар нема сосем да ја прекине соработката, туку ќе ја стави во „европска рамка“, односно нема да биде политички покровител на Вучиќ и соработката ќе биде потранспарентна и усогласена со правилата на ЕУ.

Можно е и новиот унгарски премиер радикално да се ориентира кон Брисел и да ја плати цената за можното заладување на односите со Србија, но доколку тоа се одрази негативно на економската состојба на Унгарија, неговото гласачко тело може бргу да заборави на целата еуфорија од заминувањето на Орбан и да се сврти против новиот лидер. Сепак, можеби со финансиска помош од Брисел, Унгарија ќе може да ја плати цената за такво отворено непријателство со Србија.

Во секој случај, Вучиќ можеби ќе го почувствува заминувањето на Орбан на своја кожа, но дефакто лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, претрпе сериозни повреди од падот на поранешниот бастион на балканските десничари.

Унгарија, додека владееше Орбан, повеќепати во клучни моменти ѝ помагала на власта на Додик, и финансиски и преку лобирање. Во периодот кога Додик избегнуваше приведување во Босна и Херцеговина, унгарските медиуми пишуваа дека Орбан испратил специјална полициска единица во Босна и Херцеговина, која имала задача, доколку има потреба, да го депортира Додик во Унгарија.

Додик кажа дека му е жал што Орбан изгубил нарекувајќи го „гласот на разумот“. Лидерот на босанските Срби веројатно сега ќе се потпре уште повеќе на Белград и на Москва, но со помалку маневарски простор во рамките на ЕУ.

Паѓа симболот на „бунтовникот во ЕУ“

Орбан беше симбол. Тој покажуваше дека е сосем можно некој да биде во ЕУ, а да ја напаѓа. Да ѝ ги зема парите, а да ги девалвира нејзините „неолиберални вредности“. Тоа го правеше моќен и привлечен во очите на Вучиќ и на Додик. Во десничарските наративи, моќниот мачо лидер ветува стабилност и безбедност, а тоа е многу важно бидејќи конзервативните идеологии се темелат на страв од надворешни закани.

Додик и Вучиќ се школски психолошки архетипи за конзервативни лидери. Тие ја проектираат благата параноја на реализмот во кој светот е анархија без правила, полн со непријатели што сакаат да го уништат суверенитетот на нивните држави. Во тој наратив Република Српска и Србија се опколени од „неолибералниот свет“ кој со своите канџи ја зграби и Унгарија. Орбан, во нивниот светоглед, беше еден од малкуте што ја разбира борбата на босанските Срби и на Србите.

Сепак, тие можат да продолжат да го слават Орбан како пријател, но Орбан веќе не е на власт, така што ќе мора да ја рекалибрираат својата стратегија во светло на новите настани.

Колку ќе се смени балканскиот политички екосистем?

Смената на власта во Унгарија ќе го промени политичкиот екосистем на Балканот, но прашањето е во колкава мера.

Србија веројатно ќе има помалку заштита доколку Брисел реши посилно да реагира на нејзиното демократско назадување и неусогласување со ЕУ. Со заминувањето на Орбан, Унијата би имала поодврзани раце за одредени чекори, пред сè во дипломатската сфера. Република Српска, пак, би имала помал простор да смета на унгарска блокада против европскиот притисок насочен кон ограничување на дестабилизирачките потези во Босна и Херцеговина. Дополнително, регионалните енергетски проекти ќе мора повеќе да се вклопат во европската политика за намалување на зависноста од руски енергенси, што во таа равенка може посилно да ги вклучи и САД како важен играч.

Но, трговијата, енергетската врска и малцинските прашања не може да се занемарат, па Србија и Унгарија ќе мора да соработуваат, само што соработката веројатно ќе се одвива под други услови. Прашањето е кој до кој степен би попуштил во играта на „кукавица“ во која Унгарија има голема предност пред Србија.

Сепак, без Орбан, Балканот нема да се препороди, но веројатно ќе смени некои карактерни особини.

Маѓар се сомнева дека „Турски тек“ е наместена работа, рече дека знае кој ги влече конците во Србија, Вучиќ одговори: „Кој стои зад тоа? Ајде, одговори ми!“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот