Се срамиме во Стразбур од оние кои го контаминираат нашето судство, вели Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски повторно ги критикуваше судиите за нивното работење, коментирајќи ја објавата на ексминистерката Гордана Јанкулоска дека Европскиот суд за човекови права во Стразбур, го испитува судскиот процес против неа за набавката на блиндираното возило.
Препорачано
Тој зборуваше за платите на судиите и како некои од нив не ги заслужуваат ниту тие што ги земаат, при што ги обвини дека поради нив „мораме да се срамиме и црвеенеме пред Стразбур“.
„Ја видов реакцијата на Јанкулоска утрово. Таму јасно стои дека од Стразбур имаат забелешки во процесот, начинот на судењето и отвораат предмет да го разгледаат тој процес, нарушување на човекови права и така натаму. Ќе ве потсетам дека за вакви и слични случаи веќе подолго време зборуваме. Тоа се овие судии на кои мала им е платата, партиски заробени од страна на претходната влада. Конкретно овој случај видете кој го водеше, и видете кај се наоѓа тој судија денеска. И не престанува тој судија сега ги атакува пензионерите за линеарното зголемување на пензиите, сака тоа право да им го одземе. А, од друга страна бараат тројно поголеми плати, а гледате какви пресуди опструирани пресуди носат. И за жал сега ние мора да се срамиме и црвеенеме пред Стразбур од оние кои го контаминираат нашето судство и обвинителство“, рече Мицкоски.
Според Мицкоски, реформи се апсолутно потребни во судството и во обвинителството, но како што рече, суштински промени а не зголемување на платите.
Европскиот суд за човекови права во Стразбур отвора постапка по жалбата на ексминистерката Гордана Јанкулоска за случајот „Тенк“, за да оцени дали имало сериозни индиции за можни прекршувања на правото на фер судење. Јанкуловска ја објави оваа вест на својот Фејсбук, посочувајќи дека Судот во Стразбур отвора сериозни прашања во однос на документираните повреди на правото на правично судење во предметот против неа, за набавката на блиндирано возило за потребите на државата.


