Се снима серија за Џефри Епстин – Лора Дерн ќе ја игра новинарката што му ги истражуваше злосторствата
„Сони пикчерс“ снима серија со назив „Перверзија на правдата: приказната за Џефри Епстин“ („Perversion of Justice: The Jeffrey Epstein Story“), базирана на книгата на Џули К. Браун, во која Лора Дерн ќе ја толкува истражувачката новинарка од „Мајами хералд“ која ги обелодени злосторствата на Епстин, објави „Варајети“.
Препорачано
Браун детално ја опишала истрагата за осудениот педофил и трговец со луѓе Епстин. Во најавата се наведува дека станува збор за приказ на новинарка која го разоткрива тајниот договор за признавање вина меѓу Епстин и федералните обвинители. Серијата ќе го следи нејзиниот повеќегодишен труд, при што идентификувала 80 жртви, ги охрабрила преживеаните јавно да проговорат и придонела за апсењата на Џефри Епстин и неговата десна рака, Гислејн Максвел.
Сценариото по книгата го пишува Шерон Хофман, која ќе биде и извршна продуцентка заедно со Ејлин Мајерс. Покрај Дерн, како извршни продуценти се најавени Адам Мекеј и Кевин Месик преку компанијата „Хајперобџект индустрис“ (Hyperobject Industries), а продуцентска улога ќе има и Џули К. Браун.
Лора Дерн е една од најценетите актерки на својата генерација. Девет пати била номинирана за наградата Еми, а ја освоила во 2017 година за најдобра споредна глумица во серијата „Биг литл лајс“ („Big Little Lies“).
Таа е и трикратно номинирана за Оскар, кој го освои во 2020 година за најдобра споредна актерка за филмот „Мериџ стори“ („Marriage Story“). Во нејзината филмографија се истакнуваат и „Џурасик парк“ („Jurassic Park“), „Мала жена“ („Little Women“), „Стар ворс: последниот џедај“ („Star Wars: The Last Jedi“), „Блу велвет“ („Blue Velvet“) и други.


