Сè повеќе хотели во Шпанија забрануваат влез за деца
Во Шпанија сè поголем е бројот на хотели кои забрануваат влез на деца за да им овозможат мир и спокојство на гостите, но оваа одлука некои родители и адвокати ја сметаат за дискриминаторска.
Препорачано
Хотелот Нептуно на Канарскиот остров Гран Канарија беше еден од првите во Шпанија со натпис „Само за возрасни“. На гостите им ветува молк во собите и рестораните каде што нема семејства со мали деца.
„Популарноста на ваквите хотели постојано расте“, вели хотелскиот менаџер Армандо Ромеро. „Сега недостигаат хотели кои дозволуваат само влез на деца“, додава тој на шега.
На растечкиот тренд укажува и веб-страницата Adults Only Holidays, која нуди стотици сместувачки капацитети речиси ширум светот каде што може да се ужива во „пријатни одмори без деца“.
Затоа, некои родители се нашле во ситуација да им бил забранет влез кога се појавиле на вратата со своите деца. Ваквите случаи биле пријавени до здружението за заштита на потрошувачи FACUA.
„Добивме голем број поплаки, повеќе отколку што би сакале да имаме“, изјави за шпанската телевизија ТВЕ Мигел Анхел Серано, потпретседател на здружението.


