Сè помалку бебиња се раѓаат во Германија, падот е драматичен во последните три години
Во 2021 година, една мајка во Германија имала во просек 1,58 деца, но според најновата статистика на Институтот за економски истражувања (ИФО), сега има само 1,35. Уште еден забележителен резултат од истражувањето е тоа што во покраините на истокот на Германија (поранешната комунистичка Демократска Република Германија (ДДР) стапката на наталитет е уште пониска отколку во западниот дел од земјата.
Препорачано
Според германскиот завод за статистика, оваа година до крајот на јули се родени околу 392.000 бебиња – од речиси 83,5 милиони жители. Тоа е за три проценти помалку од истиот период лани, што значи дека трендот што започна пред неколку години, продолжува.
Посебно е интересно што во Германија ситуацијата изгледаше како да се подобрува: во 2013 година имаше 682.000 бебиња, во 2015 година веќе 737.000, а во 2016 година бројката беше околу 800.000.
Во 2021 година во Германија имаше повеќе од девет бебиња на 1.000 жители, сега има само 8,2 – дури и помалку од пред десет или петнаесет години. Овој тренд отвори прашања за иднината на земјата, посебно за долгорочните последици доколку трендот продолжи – кој ќе работи во фирмите, а кој ќе уплаќа во Фондот за пензиско осигурување?
Нема бебиња кога има страв за иднината
Институтот ИФО особено посочува еден детал: во сојузните покраини на подрачјето на поранешна Источна Германија, наталитетот падна уште позначајно отколку на Запад: севкупно, бројот на новороденчиња падна за околу 13 проценти, и на исток – за 17,5 отсто.
Овде голата статистика не може да понуди објаснување, но соодветствува на озлогласениот факт дека пред се младите жени од Истокот одат на Запад, бидејќи таму имаат подобри изгледи и за кариера и за живот. А во Германија и онака има сè помалку жени во репродуктивна возраст.
„Прашањето на децата, кое се рефлектира во стапката на наталитет, драстично се промени во последните три години. Очигледно, прво беше пандемијата на коронавирусот, потоа војната во Украина, а потоа и пониските семејни приходи. Ова принуди многу млади парови да ја одложат својата желба да имаат деца“, вели Јоаким Рагниц од претставништвото на институтот во Дрезден.
Се разбира, одлуката за децата е приватна работа и економистите можат само да претпоставуваат кои се причините за падот во бројот на новороденчиња, но во ова прашање е важен и односот на трошоците и придобивките: според проценките на институтот, едно дете значи трошок од околу 180.000 евра за семејството.


