Се обезбедуваат докази за идентификација на лицата кои прободеа навивач на Левски во Чаир

Основно јано обвинителство/ фото: Слободен печат / Драган Митрески

Основното јавно обвинителство поведе постапка за идентификација на лицата кои вчера учествуваа во инцидентот во Чаир, кога беше прободен навивач на фудбалскиот клуб Левски од Софија. Вчера се играше првиот натпревар од второто квалификациско коло во Конференциската лига помеѓу Шкупи и Левски, а УЕФА овој фудбалски натпревар го прогласи за меч од висок ризик па се преземаа мерки и активности од МВР за гарантирање на редот и мирот.

Според првичните сознанија на ОЈО, до настанот дошло додека навивачи на ФК „Левски“ со две возила со бугарски регистарски ознаки се движеле во близина на трговскиот центар „Чаирчанка“, каде влегле во вербална расправија со случајни минувачи и граѓани.

ВИДЕО: Нападнати навивачи на Левски Софија во Скопје

Бугарските навивачи ги запреле возилата и излегле од нив, по што вербалната расправија преминала во физичка пресметка со група граѓани кои излегле од околните објекти. При враќање во автомобилот, 29-годишен бугарски државјанин бил повреден со остар предмет во абдоменот. Кај него е констатирана тешка телесна повреда и е хоспитализиран. По извршена хируршка интервенција, тој е во стабилна состојба – соопштија од Обвинителство.

За целосно расчистување на случајот, Обвинителството обезбеди видеозаписи од околните објекти и од камерите на системот „Безбеден град“, а се преземаат и други дејствија.

Што се однесува до останатите инциденти поврзани со навивачи на ФК Левски во текот на вчерашниот ден, обвинителството е известено дека се процесуирани прекршочно – се додава во соопштението.

Еден навивач на Левски прободен со нож, деветмина се приведени по инцидентот во Чаир

Од МВР синоќа соопштија дека приведени се и девет навивачи на бугарскиот фудбалски клуб бидејќи го нарушиле јавниот ред и мир пред натпреварот што се играше што се игра на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје.

На 27.07.2023 од страна на Единицата за брзо распоредување приведени се Г.Б, З.З., В.Д., Г.К., Б.А., В.Ј., И.К., Д.П.Д. и А.В.И., сите бугарски државјани, кои го нарушија јавниот ред и мир со агресивно однесување кон полициски службеници кои вршеа службени дејства на стадионот „Тодор Проески“, непосредно пред почетокот натпреварот од второто квалификациско коло во Конференциската лига помеѓу Шкупи и Левски Софија, кој вечерва се игра во Скопје – се наведува во соопштението.

Тие се приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот