Солена соба/Илустрација/Фото: Wikimedia Commons

Се менува законот за алтернативна медицина во Македонија: Се воведуваат четири нови методи

Министерството за здравство го менува Законот за алтернативна медицина и во него додава четири нови методи за лекување и рехабилитација: халотерапија, ајурведски третман и рехабилитација, комплементарна психотерапија и терапија со звук, боја и светлина. Покрај енергетската терапија „реики“, во измените на Законот се додаваат и методите за рехабилитација „Бахови цветови“ и „кристалотерапија“. Овие предложени измени на Законот за комплементарна и алтернативна медицина се објавени на сајтот ЕНЕР минатата недела и се достапни за јавна расправа.

Халотерапија е терапевтски метод во кој се користи сув аеросол од сол за инхалација. Овој метод се спроведува во солени соби каде воздухот е збогатен со микроскопски честички од медицинска сол. Ајурведскиот третман пак вклучува билни препарати, масажи, физички вежби, техники за прочистување и рехабилитација со цел воспоставување рамнотежа меѓу телото умот и духот.

Комплементарната психотерапија е облик на психолошки третман што ја дополнува психијатриската терапија и користи техники како релаксација, медитација и други методи во рамките на холистичкиот пристап. Терапијата со звук, боја и светлина е метод во кој се користат контролирани звучни вибрации, светлосни и колорни фреквенции со цел да се поттикне природна регенерација. Таа според наведеното во законот се применува за релаксација, намалување на стрес и хармонизација на енергетските центри во организмот. Баховите цветови пак, (есенции) се систем на алтернативна медицина развиен од доктор Едвард Бах кој користи 38 природни екстракти од цветови за трансформирање на негативни емоции (страв, несигурност, осаменост) во позитивни. Тие се нетоксични, се подготвуваат со потопување на цветови во изворска вода и делуваат на емоционалната рамнотежа, а не на физичките симптоми.

Со измените на Законот за алтернативна медицина,  на Државниот здравствен и санитарен инспекторат му се даваат поголеми овластувања. Тој сега е овластен да забрани вршење на дејноста како и да забрани употреба на објектот во кој се врши дејноста ако нема дозвола за работа, односно ако недостигна некој од условите за вршење на дејноста. Инспекторатот исто така според наведеното во текстот, може да нареди отстранување на недостатоци односно неправилности за заштита на здравјето на луѓето.

Ако досега само осум универзитети во Кина беа изворот на сертификатите за традиционална кинеска медицина, тоа сега се менува и се додаваат многу други. Признаени според наведеното во законот ќе бидат и други сертификати а не само тие од осумте кинески универзитети како што беше досега.

Конкретно, со измените, како места каде може да се посети курс или обука за вршење на методите од традиционалната кинеска медицина се сметаат и македонски образовни установи. Така, методи и постапки од традиционална кинеска медицина ќе може да вршат и оние што завршиле втор и трет циклус високо образование од областа на традиционалната кинеска медицина, оние што завршиле едногодишни специјалистички стручни студии за традиционална кинеска медицина во Македонија или во странство и тие што завршиле двегодишна специјализација по акупунктура во Македонија или во странство.

Од 2019 година во Македонија постои Комора за комплементарна и алтернативна медицина, но Министерството за здравство со предлогот го намалува бројот на лица во оваа комора потребни за да се одржи основачко собрание на Комората.

Со унапредувањето на Законот за комплементарна и алтернативна медицина се обезбедува јасна и целосна правна рамка за системско, контролирано и професионално применување на методите и постапките на комплементарната и алтернативната медицина, се унапредува квалитетот и безбедноста на услугите, се зајакнува стручниот и инспекцискиот надзор, се подобрува организацијата и функционирањето на Комората и се обезбедува поголема заштита на пациентите и доверба во примената на овие методи во здравствениот систем, велат од Министерството за здравство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот