Што со бајатиот леб, скиснатите млека, јогурти и павлаки- детектирани жешките точки на Законот за нефер практики
Според новите законски одредби, не се дозволува поврат на овие непродадени производи, а трговците се плашат дека ќе бидат затрупани од ваквите производи ако не се најде соодветно решение. Во набљудуваниот период што беше даден до 1 јануари, не била изречена ниту една опомена за трговците
Повратот на заостанатиот леб, но и на лесно расипливите млечни производи, како јогуртот, киселите млека, разните млечни намази, кајмакот, но и на некои слатки, торти и овошје и зеленчук, е една од најжешките точки од Законот за нефер трговски практики, за која и трговците, но и производителите, веќе реагирале до Министерството за економија и труд.
Препорачано
Според новите законски одредби, не се дозволува поврат на овие непродадени производи, а трговците се плашат дека ќе бидат затрупани од ваквите производи ако не се најде соодветно решение. Како тоа изгледаше во практиката, можеше да се види и низ примерот на бадниковите лепчиња со паричка. Поради намалените нарачки, во дел од поголемите трговски маркети ваквите лепчиња ги снема многу брзо, а малите трговци или ги немаа или работеа според строго закажан список на нарачки за да не им остане ниту едно парче.
– Годинава не нарачав воопшто лепчиња со паричка, оти лани и покрај нарачките ми останаа четириесетина парчиња. И претходните години лебарите не ни ги враќаа овие погачи поради нивната специфичност, а годинава е уште построго, бидејќи повратот е забранет – ни рече еден трговец од Аеродром.
Без оглед на преговарачката моќ во членот 6 на Законот, за нефер трговски практики во односот меѓу купувачот и добавувачот се сметаат за забранети трговските практики, кога купувачот ги враќа на добавувачот непродадените земјоделски и прехранбени производи што се испорачани без да ги плати или без да плати за отстранување на тие производи – стои во членот 8, став 20.
Дел од трговците велат дека добавувачите во новите договори ја вклучуваат и клаузулата дека непродаденото нема да им се враќа. Досегашната пракса беше трговците да добијат повратница за производите што ги враќаат и тие паѓаа на товар на добавувачите. Токму тука, велат нашите извори, имало големи манипулации. Заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески за „Слободен печат“ потврдува дека се заплиснати од поплаки за повратот на бајатиот леб и кисело-млечните производи и дека тоа ќе мора технички да се дотера.
– Имаме различни поплаки во однос на некои одредби од Законот за нефер трговски практики. Точно е дека има одредени проблеми околу повратот на стоката, а се издвојуваат и оние за форсирањето на странските, на штета на домашните производи, кое досега се правело преку доделување на високи суми на пари за подобро „позиционирање“ на увозните стоки – објаснува Ристески.
Трговците брифираат дека одредени странски принципали нуделе и по неколку десетици илјади евра за нивниот производ „прв да паѓа во очи“ на некоја полица.
– Сумите се разликуваа од фактот дали производот ќе биде на првата истурена полица, дали ќе се продава на каса или ќе стои под касите – објаснуваат трговците.
Се посочува уште на еден проблем, како што е појавата на двојни ценовници. Во праксата, велат, трговците некои маркети добивале годишен рабат и до 40 отсто, додека малите морале да се задоволат со трошки од 1,5 до 2,5 отсто. Сега за сите треба да важи 10 отсто годинешен рабат, но триковите на производителите продолжиле преку двојните ценовници – едни за пред инспекторите, а други за трговецот.
– Сето тоа треба да го испита Комисијата за заштита на конкуренцијата и да ја елиминира секој можност за изигрување на Законот. Со него до 10 отсто ќе се ограничат надоместоците за складирање, реклама, маркетинг, персонал, наспроти досегашната пракса која била 20, 30 па можеби повеќе отсто, што индиректно ја зголемувало и малопродажната цена на производите – додава заменик-министерот за економија и труд.
Во зависност од прекршоците ќе се движат и казните. Глоба за најтежок прекршок ќе изнесува и до 20.000 евра за голем трговец и од 350 до 500 евра за одговорното лице. Казните за полесните прекршоци ќе зависат од тоа дали прекршокот го сторил правно или физичко лице.
Инаку, во набљудуваниот период што беше даден до 1 јануари не била изречена ниту една опомена.
Трговците не смеат да бараат пари за место на нивните рафтови
Од 400 до 1.000 евра месечно плаќале многу производители за поистакнато место на рафтовите во маркетите. Дел од трговците барале и неколкумесечен „специјален рабат“ за да промовираат одреден нов производ, а се заканувале дека нема да го примат ако тој се најде и во друг маркет во исто време. Тоа новиот Закон за нефер практики не го дозволува.
– За забранета нефер практика се смета кога трговецот бара надоместок од добавувачот за складирање, прикажување или ставање земјоделски и прехранбени производи на полици на продажното место на купувачот; кога бара од добавувачот во целост или делумно да ги сноси трошоците за попусти на производите што се продаваат како дел од промоција; кога бара добавувачот да плати за рекламирањето земјоделски и прехранбени производи што тој ги рекламира; кога бара надоместок од добавувачот за персоналот за опремување на простории во кои се врши продажбата на неговите производи на добавувачот – стои во Законот.


