СДСМ: Падот на Орбан ќе го отвори прашањето за „бизнис-комбинациите“ меѓу Мицкоски и Орбан
Изборниот пораз на Виктор Орбан во Унгарија може да ги отвори прашањата за бизнис-врските меѓу него и премиерот Христијан Мицкоски, велат од СДСМ во соопштение до јавноста. Од партијата велат дека кредитите од Унгарија ќе ги плаќаат идните генерации, а ќе бараат целосна истрага за како што велат, „бизнис-комбинациите“ меѓу Мицкоски и Орбан.
Препорачано
Оттаму велат дека „Мицкоски ги ставил стратешките интереси на државата во рацете на Орбан, не поради државни, туку поради лични и бизнис интереси“. Кругови блиски на Орбан, според СДСМ влијаат во Македонија во медиумскиот сектор, телекомуникациите, енергетиката, инфраструктурата и кредитните аранжмани.
Во делот за медиумите, СДСМ тврди дека значителен дел од медиумскиот простор во Македонија е под контрола на луѓе блиски до Орбан, преку бизнисмени како Петер Шац и Агнеш Адамик, за кои велат дека управуваат со медиуми што се во функција на ВМРО-ДПМНЕ.
Во телекомуникацискиот сектор, партијата ја споменува компанијата 4иЏ, поврзувајќи ја со лиценцата за трет мобилен оператор во Македонија, додека во делот за енергетиката се повикува на фирмата „Статус енерџи“, за која тврди дека е поврзана со унгарски бизнис структури блиски до Орбан.
Од ВМРО-ДПМНЕ во писмено соопштение возвратија дека постојат официјални договори со Унгарија.
Венко Филипче, верен чувар на фотелјата на Зоран Заев во СДСМ заедно неговото ново раководство време е да почнат да живеат тука и сега. Да му објасниме што значи тоа. Прво, нема никакви тајни бизнис врски со Виктор Орбан и неговата партија. Второ, има официјални државни договори и соработка. Тоа значи договори меѓу Македонија и Унгарија има соработка како две држави од ист континент Европа кои соработуваат на повеќе полиња. Можеби Филипче со неговиот ментор Заев работел така па мисли сите работат тајно и криминално. Оттука, Филипче нека се свести и нека се фати за неговата примарна задача, а тоа е да ја оттргне СДСМ од Заев, поточно да се огради јасно од неговите криминални бизнис врски, криминални зделки и слично. Надлежните институции во правосудството треба да постапуваат по се што е изведено во јавноста како информација, одговорија од ВМРО-ДПМНЕ.
Движењето ЗНАМ му ја честиташе изборната победа на Петер Маѓар.
Уверени сме дека билатералните односи помеѓу Република Македонија и Унгарија ќе продолжат да се развиваат со засилен интензитет, како и дека ќе се унапредат на уште повисоко ниво, водени од заедничките европски вредности, принципите на демократијата и меѓусебната поддршка. Традиционалното пријателство меѓу двете држави претставува цврста основа за понатамошно продлабочување и унапредување на соработката и заеднички придонес кон стабилноста и просперитетот на регионот“, пишува во соопштението од ЗНАМ.


