СДСМ очекува победа во седум општини

СДСМ води и очекува победа во Центар, Крива Паланка, Пробиштип, Чучер Сандево, Чешиново Облешево, Кривогаштани и Богданци. Тесен е резултатот во Валандово, Македонска Каменица, Неготино, Ранковце и Лозово, додека за Дојран се надеваат дека ќе одат во втор круг, објави генералниот секретар и шеф на Изборниот штаб на партијата, Александар Саша Димитријевиќ.

Тој оцени дека изборниот процес поминал мирно и демократски, но сепак обвини за бројни нерегуларности за кои ќе подготват поднесоци до надлежните институции.
Меѓу нерегуларностите кои ги забележала СДСМ се злоупотреба на Избирачкиот список, закани и уцени, кршење на изборниот молк преку агитирање, како и нерегуларности при гласање. Тој го спомена и обидот за поткуп во Лозово кој МВР веќе го документирало и наведе дека обиди за поткуп имало и во други места за кои допрва ќе следат пријави.

Димитријевиќ рече дека во Куманово и во Ѓорче Петров имало случаи кога повеќе гласачки ливчиња биле дадени на едно лице односно дека во Ѓорче претседателката на Избирачкиот одбор пет ливчиња му дала на својот сопруг. Тој се пожали и на бројни притисоци и закани кон активисти на СДСМ.

Инаку во седиштето на СДСМ вечерва имаше повеќе новинари отколку луѓе од раководството. Се појавија единствено Ана Чупеска и Богданка Кузеска, како и носителката на советничката листа Катерина Цаневска и генералниот секретар на партијата.

На прашањето дали признаваат пораз бидејќи ВМРО-ДПМНЕ говори за предност во многу општини, Димитријевиќ рече дека сепак, треба да се почекаат сумираните резултати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот