СДСМ: Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено
„Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено“, реагира вечерва опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) откако Кривичниот суд го прифати предлогот на Обвинителството – на поранешниот вицепремиер осомничен за милионска проневера во Државната лотарија, да му се определи куќен наместо затворски притвор.
Препорачано
Според СДСМ, судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, а враќањето на Груби е дел од политички договор меѓу него и власта.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А, бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, додаваат од СДСМ во реакцијата.


