Сарацин отфрла можност за отворање на Преговарачката рамка: Германија ќе биде против

Мануел Сарацин / Фото Credit line: MICHAEL KAPPELER / AFP / Profimedia

Германскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин ја отфрла можноста за повторно отворање на Преговарачката рамка и вели дека целосно е нереално тоа да се случи, како и дека Германија ќе биде против тоа.

– Преговарачката рамка беше едногласно усвоена од 27-те земји членки и нема повторно да отвораме процес за донесување таква одлука. Таа е донесена и не може да се промени. Таа претставува гаранција за Северна Македонија и Бугарија да не може понатаму да поставува нови услови во неа. Тоа беше и една од клучните поенти на предлогот минатата година. Затоа е целосно нереално да се очекува дека ние повторно ќе ја отвориме. Германија ќе биде против повторно отворање на Преговарачката рамка – изјавил Сарацин во интервју за МИА.

На прашањето за неодамнешната лидерска средба меѓу премиерот Димитар Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од која навидум има напредок, но и условувања и во тој контекст колку се реални барањата на опозицијата за одложено дејство на уставните измени, германскиот дипломат вели дека не може да ги коментира, бидејќи тој лично не разговарал со Мицкоски.

– Не сум зборувал со г. Мицкоски за точната содржина на овој предлог и затоа не можам да го коментирам. Можам само да кажам дека ние ќе се придржуваме до Преговарачката рамка и до вториот француски предлог и не гледам никаков простор за излегување надвор од ова. Затоа ќе мора да го прашате него или да ми го поставите ова прашање откако ќе имам можност да разговарам на одвоена средба со Мицкоски околу предлогот – објаснува Сарацин.

Тој уште говори и за значењето на резолуцијата на Бундестагот за Северна Македонија, со која се признава македонскиот јазик, идентитет и култура, за иницијативата на седум земји членки меѓу кои е и Германија за поголема примена на квалификуваното мнозинство при гласање во ЕУ кое би се однесувало и на проширувањето, како и за тензиите во Косово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот