Самопопишување и самоуништување

жарко јорданоски
Жарко Јорданоски. / Фото: Слободен печат

Ако Албанците иселени од Македонија се поагилни, посвесни и попосветени за земјата на своето потекло, тогаш тие ќе бидат доминантната дијаспора од Македонија, дури и ако Македонците ги има повеќе.

Секоја чест на албанската дијаспора од Македонија ако ја „тепа“ македонската дијаспора од Македонија, како што Шкендија го тепаше деновиве Вардар. А изгледа токму така стојат работите во операцијата „самопопишување“, според првичните бројки на тие иселеници од жална Македонија што не ги мрзело да отворат апликација на компјутер и да го потврдат своето постоење, таму некаде во земјите на „гнилиот запад“, кој им дал сè што не можеле да најдат овде – работа, стандард, топол дом, иднина за своите деца…

Секако, засега никој не ги дава резултатите „разбиени“ по етничката припадност, но соодносот може да се насети од други, индиректни показатели. Прво, од радоста со која Артан Груби на Фејсбук, се пофали дека дијаспората прокнижила 99.500 „самопопишувања“. Второ, од „топ-листата“ на земјите со најмногу попишани гастарбајтери, каде што убедливо „води“ Швајцарија, каде што главно се иселуваат Албанците од Македонија. На „дното на табелата“ се Австралија, Канада и САД, со можеби поголема дијаспора од Македонија, но сочинета главно од Македонци.

И тука никој не треба да се лути, ниту да фаќа кусур, иако е сосема дозволено да му биде криво. Ако Албанците иселени од Македонија се поагилни, посвесни и попосвететни за земјата на своето потекло, тогаш тие ќе бидат доминантната дијаспора од Македонија, дури и ако Македонците ги има повеќе. Не се Албанците виновни ако Македонците во дијаспората, кога еднаш ќе заминат, ја раскинуваат врската со својата родна земја. Или ако се политички дезориентирани и неуки па паѓаат под влијание на политички аналфабети, кои им сугерираат бојкот на пописот? Или, пак, ако ги мрзи да издвојат десет минути за да ја оверат својата врска со „стариот крај“, како што некогаш им е тешко да издвојат десет долари за некоја патриотска кауза?

Некој ќе каже дека албанската дијаспора беше поорганизирана, ИВЗ им нудеше асистенција на тие што не се вични со компјутер, агитираа сите албански политичари, повикуваа на попис. Се огласи дури и премиерот на соседно Косово, Албин Курти, па дури и ја стави логистиката на своето движење во странство на располагање на иселениците Албанци од Македонија. Некој ќе каже дека тоа е невкусно мешање во „внатрешните работи“ на соседна земја, ама тоа е логика на политичките аутсајдери. Кај нас велат – „Е, не, ќе ти пее песни!“ Како што ќе ти пее песни Борисов, кој повикува наши граѓани да се изјаснуваат за Бугари.

Не е тајна дека Курти одамна работи на „релативизирање“ на границите помеѓу Македонија и Косово, а тоа се виде уште кога именуваше политичар од Македонија (Блерим Река) за министер во својот кабинет, а прашање е на време кога неговото „Самоопределување“ ќе никне и во Македонија. Курти и Борисов, го прават она што политичари треба да го прават – ги користат можностите што им се на располагање, за своите цели. Прашање е што прават македонските политичари.

Кој им бранеше на македонските политичари да апелираат, да агитираат, да снимаат наменски видеа за иселениците, дури и сите заедно ако треба? Кој им брани на Македонците во дијаспората да бидат поорганизирани, или на МПЦ посериозно да се вклучи во процесот? Каде беше „ВМРО“ да се докаже со своите задгранични комитети, наместо да им го мати умот на иселениците со муабети за бојкот?

Значи, сѐ си е таман, токму како што треба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот