Само посебни граѓани ќе добијат обичен пасош!

Македонски пасоши/ Фото: МИА

Министерството за внатрешни утврдува кој попрво ќе земе пасош – тие што ургентно треба да се лекуваат во странство, бизнисмените, гастарбајтерите дојдени да земат нов пасош, професорите и експертите со закажани меѓународни конгреси, тие што студираат во странство…

Министерството за внатрешни работи вчера на итен состанок расправаше кои од петнаесетината илјади баратели треба попрво да добие пасош, зашто на располагање има само четири илјади обрасци за пасоши. Дали граѓаните со ургентни медицински потреби, луѓето со бизниси и работни обврски во странство, гастарбајтерите вратени во Македонија само за да ја обноват истечената патна исправа, професорите и експертите со закажани меѓународни конгреси и симпозиуми, или студентите што учат на светските факултети? Дефицитот ќе ги удри по џебот и по нервите и граѓаните што уплатиле туристички патувања, зашто пасоши нема, а барањата се зголемуваат со секој следен ден. Дневно во МВР пристигнуваат 700 барања за пасош, а итната постапка за вадење патната исправа е во „мораториум“. До крајот на март пасош ќе може да добијат само избрани 4.000 граѓани, и тоа во редовна процедура.

Голем број револтирани граѓани, кои аплицирале за пасош по редовна постапка, разочарано ги напуштаат шалтерите во „пасошко“, откако службениците ги информираат дека патната исправа не им е изготвена. Дополнителен проблем е и тоа што, кога веќе еднаш граѓанинот ќе поднесе барање за пасош во редовна, тоа не може да се преиначи во „итна“ постапка.

„Пасошката криза“ настана поради тоа што снема обрасци за патната исправа навреме, а министерот Наќе Чулев и техничкиот премиер Оливер Спасовски (претходно министер во МВР) си ја префрлаат топката за тоа кој требало да ја направи нарачката. Наводно, Спасовски зел обврска да ѝ се јави на германската канцеларка Ангела Меркел за обрасците нарачани од германскиот добавувач „Веридос“ да дојдат барем 10 дена порано, односно на средината на март, објави порталот „Сакам да кажам“ повикувајќи се на изјава од техничкиот министер Наќе Чулев. Фирмата добавувач, „Веридос“ е 40 проценти во сопственост на германската држава. Според експертите, кризата со пасошите во Министерството за внатрешни работи е основа да се зголеми корупцијата во оваа институција.

Поранешниот висок функционер во МВР Љубомир Ѓурчески вели дека и во 2010 година имало сличен случај кога Македонија имаше обврска да ги замени старите „сини“ пасоши со нови, биометриски. Според него, немањето обрасци во МВР ја отвора вратата за корупција во оваа институција.

– Немањето обрасци за пасоши е основа за зголемување на корупцијата во МВР до невидени размери. Има многу недоречености во потпишаниот договор за набавката од Германија и тоа уште од почетокот, од 2008 година. За германскиот добавувач нема пенали ако доцни или ако не ги почитува договорите и анексите. Голем проблем е што во последните три години немаме генерална јавна набавка, туку три години со анекс врз анекс ги решаваме проблемите со пасошите, што е недозволиво. Тоа е суштината на проблемот. Странката е доведена во ситуација да коленичи пред службеникот, пред оној што го плаќа за да го услужи – вели Ѓурчески за „Слободен печат“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот