Само фановите одиграа за спас на фудбалот

Срѓан Ивановиќ / Фото: Слободен печат

Се чинеше дека работата е готова и дека смртната пресуда на фудбалот е потпишана. Крупниот капитал во соработка со алчните газди и раководители на најбогатите фудбалски клубови во светот го објавија формирањето на Суперлигата – затворено натпреварување на 15 екипи, за кое нема квалификации и од кое не се испаѓа.

Сите ние помисливме дека е дојден крајот на Лигата на шампионите и на клупските пресметки на „стариот континент“ и дека во иднина ќе го гледаме „парадирањето“ на богатите, на кои никогаш не им биле доволни средствата што ги имаат на располагање и кои многу ретко учествуваат во напорниот процес на создавање млади таленти, па недостигот на квалитет го решаваат со купување од посиромашните тимови.

Претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перез, во својот арогантен стил порача дека не постои сила која може да ја спречи Суперлигата. На заканите испратени од УЕФА, дека на играчите што ќе играат во оваа лига ќе им биде забранет настапот на европските и на светските првенства, првиот човек на „кралскиот клуб“ надмено одговори дека ако биде потребно тие самите ќе организираат и Мундијал.

Потврдено беше и дека организацијата на Суперлигата ќе биде финансирана од американската инвестициска банка „ЏП Морган“. Финансискиот џин може да ѝ парира на УЕФА во секој апсект, па во тој момент сите надежи дека фудбалот би можел да се спаси изгледаа загубени. Ситуацијата стана траорна кога беше објавена информацијата за пресудата на Меѓународниот спортски суд, според која УЕФА не е во состојба да го блокира формирањето на новата лига.

И токму во тие моменти, кога на сите им изгледаше дека Суперлигата ќе се формира, честа на фудбалот ја спасија навивачите. Припадниците на најсиромашната „каста“ во фудбалската пирамида, оние што не можат да замислат да купат сезонски билет и кои работат во две смени за да обезбедат карта за стоење, излегоа на улица и ги принудија газдите на клубовите да се откажат од катастрофално лошата намера.

Први кои рекоа одлучно не на Суперлигата беа екипите од Германија – Баерн Минхен, Борусија Дортмунд и РБ Салзбург. Под притисокот на своите фанови, а стравувајќи од празни трибини и слаба гледаноста во ТВ преносите, Суперлигата ја напуштија Манчестер сити и Челси, а по кратко колебање попуштија и останатите екипи од Англија. Наредниот ден истата одлука ја донесоа и од Интер и Атлетико Мадрид, па верни на новото натпреварување останаа само од Реал Мадрид, Барселона и Јувентус, иако и на нивните менаџери им стана јасно дека од Суперлигата нема да има ништо и дека тие, заедно со пребогатата американска банка, се поразени од лумпен пролетерите на фудбалот. Оние „штрбави“ и неписмени хулигани, како најчесто ги опишуваат од елитите, им одржаа вредна лекција на сите активисти ангажирани на Фејсбук и Инстаграм, кои иако јасно го изразуваат својот став, зачудено констатираат дека нивниот активизам не вродува со плод.

Да, наместо на тастатура на сите незадоволни местото им е на улица. Точно е дека таму може да биде студено и да дува ветер или да пече силното сонце, но ниту една неправда досега не се сменила со објавување комични статуси или со истакнување фотографии на нечии напупени усни.

Темите и проблемите се бескрајни. Демократија, слобода, екологија, урбана мафија, корупција, антифашизам и што уште не. Постојат голем број работи кои можат да се менуваат, а за тоа не се потребни никакви предводници или харизматични лидери. На фановите не им дојдоа на помош големите фудбалски ѕвезди или, пак, можеа да се надеваат на медиумска поддршка. Не, тие бескомпромисно излегоа на улица и јасно го искажаа својот став, а тоа внесе огромен страв кај едни од најбогатите и најмоќните луѓе во светот.

Сиромашните мали луѓе се силни само кога се заедно, кога обединето настапуваат за иста цел и кога веруваат во исправноста на својот идеал. Суперлигата беше последната брана која капитализмот требаше да ја сруши за да ја киднапира играта, а во тоа не можеше да го спречи ниту силата, ниту законот. Но, милијардите не им можеа ништо на сиромашните навивачи, бидејќи тие фудбалот го сакаат без пари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот