Само една земја од регионот троши поголем дел од БДП за одбрана од Македонија
Македонија е втора во регионот на Западен Балкан според издвојувањата за одбрана како процент од брутодомашниот производ (БДП), покажува истражување на Меѓународниот институт за истражување на мирот во Стокхолм (СИПРИ), објавено од Радио Слободна Европа.
Препорачано
Според податоците, Србија во последните пет години била убедливо прва со 2,6 отсто од својот БДП насочен кон воени расходи, додека Македонија е веднаш зад неа со 2,1 отсто. Потоа следуваат Албанија (2%), Црна Гора (1,8%), Косово (1,5%) и Босна и Херцеговина (0,7%).
За разлика од Србија, која иако се декларира како воено неутрална држава, но интензивно инвестира и во западно и во источнo вооружување, Македонија како членка на НАТО своите капацитети ги гради преку соработка со сојузниците од Алијансата, велат истражувачите.
Според СИПРИ, само во 2024 година Србија издвојувала околу 2,2 милијарди долари за војска – речиси петпати повеќе од Албанија, иако и двете држави имаат сличен број на население.
Македонија, пак, со вложувањата во одбраната ја исполнува обврската кон НАТО за издвојување на најмалку 2 отсто од БДП за воени трошоци, а дополнителен акцент се става на модернизација и опремување на армијата со западна техника.


