Али Ахмети, лидер на ДУИ Фото: Ахмети Фејсбук

Само Али Ахмети го доживува ДУИ како ураган

Мислат дека со закани ќе мобилизираат повеќе луѓе. За Законот за јазици треба да одлучи Уставниот суд. Прашањето е зошто повеќе од две децении не направиле ништо добро, туку сè што направиле е со недостатоци. Тие треба да направат автоцензура и да си одговорат самите зошто ги оставија сите овие работи такви какви што ги оставија, рече премиерот Мицкоски за заканите на Ахмети.

Не поминуваат заканите на лидерот на ДУИ Али Ахмети кај народот, зашто тој е мудар и не сака поделби, порача премиерот Христијан Мицкоски откако првиот интегративец се закани дека ДУИ е како ураган и ќе пружи невиден отпор ако Уставниот суд го промени Законот за јазиците. Континуираните притисоци и закани на Ахмети да не се чепка албанскиот јазик не поминуваат ниту кај уставните судии, а претседателот на Уставен, Дарко Костадиновски, повтори дека ДУИ треба да ги тргне рацете од Уставниот суд.

– Мислат дека со закани ќе мобилизираат повеќе луѓе. За Законот за јазици, дали ќе се смени, што ќе се случи, треба да одлучи Уставниот суд. Таму, како што се сеќавам, треба да има јавна дебата и ќе побараат мислење од Венециската комисија. Прашањето е зошто повеќе од две децении не направиле ништо добро, туку сè што направиле е со недостатоци и тоа е најголемиот проблем. Тие треба да направат автоцензура и да си одговорат самите на себе зошто ги оставија сите овие работи такви какви што ги оставија – рече Мицкоски за заканите на Ахмети.

Премиерот повтори дека Владата има легитимитет и дека ги кажале причините зошто во неа не е ДУИ.

– Гледам дека таму како да не ја научиле лекцијата. Во отсуство на какви било други идеи, тие се обидуваат да ги поларизираат граѓаните и мислат дека таквата политика им носи резултати. Јас мислам дека тоа е погрешно. Наместо да се извинат и да побараат бегалците од правдата да се вратат, тие продолжуваат и натаму да го делат народот, но народот е мудар и овие политички пораки од опозицијата ги одбива – рече премиерот.

Ахмети на годишното обраќање повторно се закани дека од Законот за јазиците не смее да се чепне, ни точка ни запирка, и дека во спротивно ќе биде пружен невиден отпор.

– Ние сме го освоиле тој закон со пот и крв. Да повикувате експерти, да ја повикувате Венециската комисија, да повикувате лидери на политички партии за да даваат мислења и оценки за Охридскиот договор – тоа е неприфатливо и многу опасно, затоа што се оспорува документ кој е постигнат со многу напор и со многу пот, и е гарантиран од ЕУ, САД и НАТО. Од тој документ не може да се смени ни точка ни запирка. Секое загрозување на Охридскиот договор е опасност, затоа што става во движење несакани опции за нас, за мирот и стабилноста на регионот – порачал Ахмети.

Тој повторно побара ветинг и неселективна правда. Впечатливо е дека Ахмети упорно бара ветинг, но заборава дека при ветингот којшто го спроведоа во партијата не најдоа ниту еден функционер којшто е поврзан со корупција и криминал, а двајца најистакнати функционери – Рамиз Мерко и Артан Груби – се на американската црна листа за сомнеж за корупција. Впечатливо е и дека за Ахмети сомнежите, истрагите и обвиненијата за лицата од црната листа се политичка чистка.

– Сме биле покрај Македонците во најразлични ситуации и ќе останеме, но не прифаќаме тие да бидат аги, а ние да бидеме слуги. Додека немаме вистински ветинг, додека имаме селективно судство што не врши функција според законите, туку нештата ги гледа од која етничка припадност доаѓаш, упатувам порака без оглед на политичката чистка и бурите што ги прават, дека ДУИ е ураган – изјави лидерот на ДУИ.

Првиот вицепремиер Изет Меџити смета дека Ахмети е делегитимиран, дефакторизиран и опкружен со фигури од црната листа.

– Али Ахмети денес е делегитимиран, дефакториран и опкружен со фигури од црната листа. Затоа, квалификациите од типот „измеќаре“ и „аргати“ се само очајнички обид да се зачува партиската структура која ја напушта ДУИ како патници на брод што тоне – вели Меџити.

Билал Касами, пак, на обвинувањата на Ахмети дека коалицијата Вреди за лични интереси ги загрозува албанските достигнувања, праша на кој пат да се вратат.

– По кој пат да се вратиме Али Ахмети? На патот на Артани Грубит, Рамиз Мерко…, патот на црната листа, на патот без достоинство. Срам да ви е, што ја завршивте кариерата на најлош можен начин. Албанците би се чувствувале депресивно доколку го продолжите патот на лошото владеење, што се докажува во бројни случаи на штета на нивната иднина – вели Касами.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот