Сали прв вицепремиер за добро владеење, Фетаи – министер за европски прашања – комбинаторики во Вреди за распределба на ресорите
Една од комбинациите е Беким Сали, кој е од Алтернатива, да биде прв вицепремиер задолжен за добро владеење, односно да дојде на местото на актуелниот вицепремиер за добро владеење Арбен Фетаи. Фетаи (Алијанса) би бил министер за европски прашања на местото на Орхан Муртезани од Алтернатива, кој, пак, би го пополнил испразнетото место заменик-министер за одбрана
Предлог-комбинации за ресори и кадровски решенија Вреди треба да му испорача на премиерот Христијан Мицкоски до вторник, откако по локалните избори во Владата се испразнија местата прв вицепремиер и министер за животна средина. Претходно, партиите од коалицијата Вреди меѓу себе треба да се усогласат и за ресорите и за предлозите за министри, брифира за „Слободен печат“ висок функционер од Вреди.
На списокот до Мицкоски ќе треба да се најдат и имиња на нови директори за институциите чии фотелји се ослободија откако претходните станаа нови градоначалници на општини по последните локални избори.
Како што веќе објави „Слободен печат“, Мицкоски инсистирал Беким Сали како прв вицепремиер да раководи и со ресор, односно дека треба да има конкретни задолженија и одговорност за одреден ресор. Комбинациите што веќе се прават во Вреди се рокади на ресорите со кои раководат кадри на албанскиот партнер во власта.
Препорачано
Тешко дека Сали ќе биде и вицепремиер и министер за здравство
Една од комбинациите е Беким Сали, кој е од Алтернатива, да биде прв вицепремиер задолжен за добро владеење, односно да дојде на местото на актуелниот вицепремиер за добро владеење Арбен Фетаи. Во таков случај, Фетаи кој е од отцепениот дел на Алијансата за Албанците на Арбен Таравари, би бил министер за европски прашања на местото на Орхан Муртезани од Алтернатива. Муртезани, пак, би го пополнил испразнетото место заменик-министер во ресорот одбрана. По излегувањето на Таравари од Владата, Министерството за одбрана остана без заменик-министер, бидејќи кадарот на Таравари Елфете Исмаили отиде во опозиција заедно до лидерот. Ова е пореална опција отколку посакуваната за Сали – тој да биде прв вицепремиер и министер за здравство, бидејќи тој ресор при реконструкцијата што ја најави премиерот, а која треба да се случи по конгресот на ВМРО-ДПМНЕ, ќе оди во рацете на партијата на Мицкоски.

Ако во Вреди се договорат на рокада меѓу Сали и Фетаи, во таков случај Алтернатива во Владата ќе има една функција, Алијанса – два ресора (европски прашања и здравство, раководено од Азир Алиу), Беса – со два ресора (економија, предводена од Бесар Дурмиши и социјална политика на чело со Фатмир Лимани), а Демократското движење на Изет Меџити би останало со еден ресор – Министерството за животна средина и просторно планирање.
Веќе објавивме и дека Меџити како решение за функцијата министер за животна средина размислува помеѓу кандидатите Мухамед Хоџа, портпарол на владите на Зоран Заев и на Димитар Ковачевски, и Недим Рама – поранешен шеф на кабинет на Меџити во Министерството за животна средина.
Работна група на Вреди треба да заседава за распределбата на директорските места и во централната и во локалната власт. Ако партиите во Вреди не се договорат за распределба на ресорите, можно е сега само да биде избран новиот министер за животна средина, а Сали да почека до реконструкцијата на Владата по Нова година.
Мицкоски не сакаше да коментира до каде се преговорите за комплетирање на владиниот кабинет.
– Не би можел ништо да споделам додека не биде. Ништо не е готово додека не е готово – рече Мискоски.
Мицкоски не ги коментира најавите за зголемување на владејачкото мнозинство
Тој не ги коментира ни најавите на функционери од Вреди дека ќе се зголеми владејачкото мнозинство со три-четири пратеници од опозициската НАИ.

– Владата е стабилна. Убедливата победа на локалните избори покажа дека Владата има јасна и недвосмислена поддршка и оти носечки столб во таа влада е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата што ја предводи. Времето за политика и политиканство заврши. Да ги засукаме ракавите и да работиме, нè чека многу работа – изјави Мицкоски.
Тој рече дека 11 јануари е датумот што најмногу одговара за одржување на повторените локални избори во Гостивар, Центар Жупа, Врапчиште и Маврово-Ростуше откако опозициската НАИ побара од претседателот на Собранието Африм Гаши изборите да ги закаже пред Нова година за да може и иселениците да гласаат, наместо тие да бидат на 11 јануари.
Од Кабинетот на претседателот на Собранието велат дека Гаши постапува само врз основа на роковите и процедурите утврдени во Изборниот законик за одредувањето на датумот за повторените избори во четирите општини и дека датумот на изборите ќе биде објавен во законскиот рок.

– Процесот на распишување на изборите не е воден од индивидуални преференции или предлози, туку од два фундаментални принципа – задолжителното почитување на законските рокови од Изборниот законик, вклучувајќи ги и новите одредби од член 132-а, донесени во март 2024 година; и процената и подготвеноста на ДИК како надлежна институција за организирање и спроведување на изборниот процес – велат од Кабинетот на Гаши.
Оттаму информираат дека Гаши веќе одржал два работни состаноци со претставници на ДИК, со кои биле разгледани сите правни и оперативни аспекти поврзани со повторувањето на процесот во тие општини.
Гаши за 11 јануари ќе ги закаже повторените избори во четири општини


