Познатата комичарка Кети Грифин откри дека нејзиниот покоен брат бил педофил: „Сакав да го убијам“
Американската комичарка Кети Грифин откри шокантни детали за својот покоен брат Кенет, признавајќи дека сакала да го убие кога дознала дека е педофил. За болната семејна тајна зборуваше во своето ново Јутјуб-видео, откривајќи како се справувала со трауматичното сознание што ѝ го одбележало детството, пренесува „Пипл“.
Препорачано
65-годишната комичарка, позната по своите стенд-ап настапи и улоги во серии како „Сајнфелд“, со децении ја криела мрачната страна од својата семејна историја. Грифин имала само 10 години кога дознала дека нејзиниот постар брат злоупотребувал деца.
Семејна тајна
„Тоа беше исклучително тешка работа и, очигледно, предизвика големи поделби во моето семејство“, изјави таа оваа година во поткастот „The Skinny Confidential“. Иако изрази сочувство кон своите родители, кои цел живот се бореле со проблемите на нејзиниот брат, нагласи каде лежи нејзината најголема емпатија.
„Имам огромна емпатија кон мајка ми и татко ми, бидејќи знам дека татко ми не го злоупотребувал мојот брат, него го злоупотребувале тренер и свештеник“, објасни таа.
„Но, најголема емпатија чувствувам кон неговите жртви.“
„Сакав да го убијам“
Во новото видео од својата серија „Talk Your Head Off“, Грифин сподели уште потешки детали. Откри дека нејзиниот брат, освен што бил насилник, водел и крајно деструктивен живот.
„Мојот најстар брат, Кенет кој сега е мртов, фала му на Бог, беше зависник од крек, живееше на улица и беше исклучително насилен. Веројатно имаше недијагностицирани ментални нарушувања кои очигледно не одеа добро со дрогата“, рече таа.
Откако од поранешната сопруга и девојка на Кенет дознала дека физички ги малтретирал, а од друга партнерка дека „злоупотребувал едно момче и едно девојче за кои таа знаела“, Грифин решила да реагира. Таа тврди дека ја повикувала полицијата „приближно еднаш неделно“, но пријавите, наводно, не вродиле со плод. Полицајците ѝ рекле дека не можат ништо да преземат додека самите жртви децата не се пријават.
Фрустрацијата и болката ја довеле до мрачни мисли.
„Сакав да го убијам, затоа што мислев само на тие деца“, призна таа.
„Да имаш најстар брат кој е педофил е нешто што никогаш не го преболуваш. Тоа не поминува“.
Кенет Грифин починал од предозирање во 2001 година.


