САД на црна листа стави македонска фирма за шпионски софтвер со кој се инфицираат мобилни

Софтверот Пегасус/ Фото: МИА

Компанијата Сајтрокс АД од Македонија е една од фирмите производители на шпионски софтвер кои од денеска се наоѓаат на „црната листа“ на САД, односно додадени се на листата на фирми со кои американските компании не смее да тргуваат, објави Вашингтон Пост. Освен фирмата „Сајтрокс“ од Македонија, администрацијата на Џозеф Бајден на црната листа ја стави и фирмата Интелекса. Според Вашингтон пост, причината за оваа одлука е тоа што „претставуваат закана за националната безбедност на САД и на интересите на американската надворешна политика“.

Европскиот Парламент се мачи да открие дигитално разбојништво и шпиoнажа со македонско – израелски софтвер?!

Одлуката е дел од подолг напор да се спречи огромната злоупотреба на шпионскиот софтвер кој го произведуваат овие фирми. Како што Слободен печат веќе пишуваше, со овој софтвер, во повеќе држави и во Европа и во режимските држави се шпионирале активисти, новинари, политичари, луѓе со моќ на високи позиции од безбедноста, а во порепресивните режими шпионажата со вакви видови софтвер значеше и закана по животот за некои луѓе. Освен Сајтрокс АД од Македонија, на црната листа на САД од денеска се и Интелекса од Грција на Тал Дилијан, Сајтрокс Холдинг во Унгарија, Интелекса Лимитед од Ирска. Казната за нив е зашто тргуваат со софтвер кој може да ја загрози приватноста и безбедноста на поединци и организации во целиот свет, според објавата на федералниот регистар.

Сајтрокс била формирана во 2017 година а во 2021 година извештај на Ситизен лаб ја опиша како дел од компанијата Интелекса на Тал Дилијан, израелски разузнавач и бизнисмен.

Софтверот на Сајтрокс, бил користен за да биде хакиран телефонот на египетскиот политичар Ајман Нур и уште еден познат египетски новинар. Телефонот на Нур во исто време бил инфициран и со софтверот Пегасус и со софтверот на Сајтрокс кој се вика Предатор.

Пред 7 месеци „пукна тиквата“ со шпионскиот софтвер Предатор во Грција. Фирмата Интелекса на израелскиот воен разузнавач Тал Дилијан, беше претресувана од полицијата.

Тоа беше зашто се водеше истрага за основани сомненија дека моќниот софтвер Предатор, кој може да ги украде сите пораки, фотографии и конверзации од мобилните телефони на следените лица, се злоупотребувал за шпиoнирање политичари опозиционери, новинари, безбедносни лица, бизнисмени, министри и дека на таков начин била опструирана демократијата, слободата и приватноста во Грција но и пошироко.

Следењето на телефоните е во најголема дискреција. Со понапредните верзии на ваквиот софтвер, таргетот не мора ниту да кликне на малициозен линк, за клиентите на овие фирми да добијат пристап до буквално сите апликации на мобилниот уред – сите фотографии, документи и конверзации кои се извлекуваат од апаратот на друг систем.

Телефонот може да се претвори во „Големиот брат“, бидејќи софтверот за шпионирање на некои фирми што го произведуваат, може да ја вклучи камерата на мобилниот без знаење на корисникот и таа да снима тајно. За разлика од вообичаеното прислушкување, шпионската опрема за следење мобилни телефони им дава комплетна контрола на тие што ја имаат.

Не само што имаат можност да следат што се случува со животот на жртвата во реално време, туку имаат и ретроактивен пристап до фајловите и пораките што се креирани во минатото, како и до поранешните комуникации.

Материјалите кои што се прибавени на ваков начин, може да се користат не само за да се набљудуваат нечии дејства, туку исто така за уцена, дискредитација, манипулација и заплашување. Но, додека го има овој шпионски софтвер на својот мобилен телефон, жртвата не знае ништо.

Полицијата влезе во Интелекса на Тал Дилијан – со софтверот Предатор во Грција се шпиoнирале судии, опозиционери и новинари?!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот