САД и сојузниците со големи маневри во Пацификот, Пекинг реагира за создавање тензии

Филипинските и американските сили започнаа големи заеднички воени вежби во близина на Тајван, со фокус на поморски удари и операции во реални услови, во рамки на годишните маневри „Баликатан“.

Вежбите, кои траат од 20 април до 8 мај, се најголеми досега според бројот на учесници и вклучуваат повеќе од 17.000 војници. Покрај САД и Филипините, за првпат како активни учесници се приклучуваат Канада, Франција, Нов Зеланд и Јапонија, додека Австралија ќе го повтори своето учество.

Според информациите на Ројтерс, маневрите опфаќаат прецизни удари, операции за пресретнување во крајбрежните води, како и интегрирани вежби за воздушна и ракетна одбрана, мултинационални поморски операции и контраинвазивни сценарија со боево гаѓање.

Командантот на филипинските вооружени сили, Ромео Браунер, изјави дека целта е тестирање на подготвеноста во реални услови и потврдување на силата на сојузништвото.

„Вежбаме низ целиот архипелаг и ја проверуваме нашата подготвеност во сите области“, нагласи Браунер.

Во рамки на вежбите ќе биде претставена и нова воена опрема, вклучително и нови ракетни системи и јапонската противбродска ракета „Тип 88“, кои ќе се користат во симулирани напади врз цели на море.

Кина со остро предупредување

Од друга страна Кина остро реагираше на воените активности, предупредувајќи дека тие може да ја нарушат стабилноста во регионот. Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Го Ѕјакун, изјави дека регионот има потреба од „мир и спокојство“, а не од вклучување на надворешни сили што создаваат поделби и конфронтации.

„Упорното безбедносно поврзување може да доведе до спротивен ефект и дополнителни тензии“, предупреди тој.

Маневрите „Баликатан“ што во превод значи „рамо до рамо“ се традиционални годишни вежби насочени кон зајакнување на одбранбените капацитети и регионалната безбедност, но годинава се одржуваат во услови на засилени геополитички тензии во Азија и поширокиот Пацифик, пренесуваат медиумите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот