Саботажа на мерките како параван за политички поени

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Скандалозни се пораките на ВМРО-ДПМНЕ што им ги испраќаат на граѓаните. Настрана изборите што ни следуваат, многу јасно може да ја видиме нивната цел и нивниот мотив за таквото деструктивно, штетно и непатриотско однесување.

Многу е важно да разбереме дека кога општеството е во проблем се кристализира границата на демократијата ѝ на површина испливува „логиката“ на фашизмот, диктатите, указите, наредбите, патријархатот, расизмот (омраза спрема „другиот“), капитализмот и други облици на профилирања на „другоста“, или пак некој облик на желба за негово бришење.

Научивме, исто така, дека пандемијата предизвика огромни општествени кризи – економски, политички, колективни и индивидуални. Психолошките кризи, пак, се предизвикани од стравови: анксиозност, паника, неизвесност, изолација… Сето ова што го набројувам предизвикува политичка криза. Во желба да се заштитиме себеси, се јавува паничен страв од „Другиот“. Во турбулентни времиња, како што историјата ни сведочи, се раѓа потреба за радикални решенија за справување со кризата. Идентитетските поделби во криза, пак, раѓаат идеолошка дискриминација кон малцинските заедници, оттука се раѓа „идеална“ патека за разни деривати на фашизмот. Но, да не бидам премногу општ, да не влегувам во големи генерализации, да се обидеме да ги поедноставиме овие термини низ нашата политичка реалност.

Имам впечаток дека што и да направите денес, на начин што ќе придонесе да се намали штетата од коронавирусот, ќе бидете нападнат од сите страни. Ако ги заострите репресивните мерки заради заштита на граѓаните, ќе ве критикуваат едни зошто сте ги заостриле, а доколку ги попуштите, ќе ве критикуваат зошто ги попуштате. Видете, јас немам сомнеж дека критиката е добра, ама ми се чини дека денешната критика е без никаква втемелена смисла, без каква било идеја, без каков било принцип, без никаква мисла што стои зад таа критика, без план, без предлог… И во таа смисла, таквата критика е елемент на таа хистерија која денес циркулира во медиумите. И како што прогресираше вирусот, така прогресираше и хистеријата.

Ние денес имаме потполно неверојатна ситуација, од една страна имаме биолошки агенс наречен коронавирус што нѐ напаѓа сите, а од друга страна имаме армија од хистерични идиоти што ги напаѓаат оние што ја организираат таа одбрана и превенираат во заштита на граѓаните. И таквата „ментална практика“ за нормални луѓе е тешко разбирлива, ама сепак, таквото однесување остава големи и штетни последици по целото општество. Затоа што има многу луѓе што не се концентрираат премногу ниту во политиката, а богами ниту во ова зло што ни се случува на сите со коронавирусот. Сепак, луѓето ги добиваат тие пораки и таквите пораки влијаат на нив, па ги земаат здраво за готово. Вие денес, ако се прошетате по улици и паркови, ќе видите дека постојат луѓе што се движат тука покрај вас, а веднаш потоа добивате некое чувство како да не слушнале ниту за епидемијата, ниту за вирусот кој е опасен и смртоносен. Имате впечаток дека не пуштиле ниту телевизор за да видат што се случува денес во светот.

Па уште се вели дека „само во Македонија има полициски час“, или „само тука има вакви забрани“, што значи дека зборуваат ординарни лаги, а тоа го зборуваат луѓе што имаат титули пред своите имиња и презимиња, кои се професори на некакви универзитети. Зборуваат бизарни и флагрантни лаги во камера, на текст, на интернет. Дискредитирајќи ја Владата за тоа што спасува животи, ама и внесувајќи недоверба меѓу граѓаните. Следствено на тоа, некои граѓани може да си речат: ако овој што има титула професор, магистер, доктор, примариус, сосема сеедно, мене ми вели дека не треба да се чувам, па зошто јас би се чувал. Таквото однесување носи трагично потенцијални ситуации и секоја порака од ваков вид е злосторство кон здравјето на граѓаните.

Кризата со коронавирусот не предизвика катастрофални последици онака како што посакуваа десничарските струи во земјата, за потоа да го критикуваат Заев за таквото сценарио. Баш напротив, поминуваме низ оваа епидемија релативно безболно, релативно со мали последици, што на многу луѓе не им одговара. Слушајќи ги овие аргументи за кои ги знае и опозицијата, самите создаваат криза, преку низа од суптилни пораки, „немојте луѓе да ја слушате Владата“, или „баталете го полицискиот час“, или „да се откажеме од тие синџири на репресија и да излеземе надвор“.

Огнен Ангелов, мојот фејсбук-пријател, пред неколку денови напиша многу интересна и кратка анализа на опозицијата, објаснувајќи го нејзиното однесување во политичкото поле, деконструирајќи ги нивните пораки во самата срж. Верувам дека нема да ми земе за зло, ако само мал дел од неговиот коментар ги цитирам тука. Имено, Ангелов вели: „Веќе слободно може да се каже дека постојаниот подем на заразени во последно време е последица на саботирањето на мерките од страна на ДПМНЕ преку Чулев. И не може тоа да не е организирано дејствување. Има премногу индиции дека МВР повторно станува вмро-мвро, кое намерно не ги спроведува мерките издадени со уредба на Владата, сака да предизвика поголема епидемиска криза која ќе оневозможи нормализација и спроведување избори. Нема ниту едно друго рационално објаснување зошто масовно се толерира кршењето на мерките. Веќе пет месеци една клучна институција е под контрола на ВМРО и ефектите на заробување на институцијата веднаш стануваат видливи. Под негово водство таа институција потрошила повеќе пари за склучување непосредни договори од збир други институции, вклучително многукратно повисоки суми и од Министерството за здравство кое е централна институција за справувањето со кризата“.

Скандалозни се пораките на ВМРО-ДПМНЕ кои им ги испраќаат на граѓаните. Настрана изборите што ни следуваат, многу јасно може да ја видиме нивната цел и нивниот мотив за таквото деструктивно, штетно и непатриотско однесување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот