Станови / Фото: СП. архива

Сѐ поголем број одземени лиценци за управители на згради, граѓаните да внимаваат

На веб-страната на Регулаторната комисија за домување секој заинтересиран граѓанин може да провери кои форми имаат лиценца за управување, но и да го види списокот на оние на кои им е одземена.

Граѓаните треба да се многу внимателни при склучување договори за управување со зградите, затоа што се случува понуди за управување да праќаат и фирми кои немаат лиценца за вршење на таа услуга.
Неодамна на таков случај своите жители ги предупреди Општина Карпош откако Регулаторната комисија за домување извести дека на територијата на скопските општини се појавуваат понуди за управување со станбени објекти од фирмата „Грин клин“ ДООЕЛ Скопје, која не поседува соодветна лиценца.

Од страна на граѓани доставена е информација со понуда за управување со станбени објекти од фирма „Грин клин“- управување ДООЕЛ Скопје. На тој правен субјект Регулаторна комисија за домување нема издадено лиценца за управител за вршење на дејности за управување на станбени згради. Истиот правен субјект им прикажува на граѓаните фалсификуван документ од лиценца на име на фирмата, која не е издадена и не е заведена во регистарот на РКЗД – се наведува во писмениот допис до Општина Карпош.

Оттаму предупредуваат дека секое склучување договор за вршење на управувачки услуги со овој правен субјект е спротивно на Законот за домување.

Една од основните надлежности на Регулаторната комисија за домување е да издава и да одзема лиценци за вршење на управување, за што води и регистар на управители на станбени згради. На нејзината веб –  страница секој заинтересиран граѓанин може да провери кои форми имаат лиценца за управување, но и да го види списокот на оние на кои им е одземена, за да не дојдат во ситуација, поради неинформираност, да склучуваат договори кои не се во согласност со законите.

Поради зголемениот број одземени лиценци Регулаторната комисија за домување објавува регистар на одземени лиценци, каде што се вметнати и управителите за кои не е целосно завршена постапката за одземање на лиценцата за вршење на дејност и истата сѐ уште се води пред Управен суд – објаснуваат од Комисијата.

На листата на фирми со активна лиценца за управување се наоѓаат 61, додека на списокот на фирми со одземени лиценци, се наоѓаат нешто помалку, односно 50.

Според Законот за домување сопствениците на становите во една зграда можат да донесат одлука за формирање на Заедница на сопственици, како правно лице, која би управувала со зградата, но исто така можат да склучат договор и со надворешна фирма, односно со Управител, кој ќе ја врши оваа обврска.
Управителот, меѓу другото, се грижи за за редовно одржување и функционирање на заедничките делови во станбената зграда, а доколку не ги исполнува договорените обврски станарите можат да го раскинат договорот.

Доколку управителот не ги исполнува обврските од договорот за вршење на управувачки услуги, не постапува со внимание на добар домаќин, сопствениците на посебните делови на најмалку една половина од посебните делови можат да го раскинат договорот со управителот, а управителот одговара и за штетата што со своето работење ќе ја причини на зградата или на посебен дел од зградата според општите правила за надоместок на штета – објаснуваат од Регулаторна комисија за домување.

И она што е најважно, Управителот на видно место, односно на огласна табла во зградата, мора да ја истакне јавно својата лиценца за работа, за да не се случуваат недоразбирања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот