Сѐ е подготвено пописот да се одржи во април

Пописот нема да се одложи, категоричен е директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски, кој на денешната средба со новинарите ја објасни методологијата и посочи дека Законот за попис, во кој се вметнати сите пописни рокови, доследно ќе се почитува.

Во оваа статистичка операција што треба да се одржи од 1 до 21 април, ќе учествуваат најмалку 1.500 попишувачи, вклучувајќи и одреден број од нив како резервни, како и 50 пописни комисии. Еден месец претходно, од 1 во 15 март, ќе се попишуваат лицата што работат во дипломатско-конзуларните претставништва, воените претставници во странство, но и објектите што се во државата, а се тешко достапни за попишувачите, затворениците, бездомниците, лицата со попреченост. Од 1 до 21 април ќе се попишат сите други државјани на Македонија. Со пописот ќе се прибираат податоци и за лицата отсутни во странство повеќе од една година, со цел да се добијат порелевантни податоци за бројот на отселените лица од земјата.

Во однос на коронавирусот, Симовски рече дека е можно пописот да се одржи и надвор од становите, на отворено.

– Тие што ќе имаат ковид-19 или ќе бидат во изолација, ќе се попишуваат според протоколи од Министерството за здравство – рече Симовски.

 Апликацијата нема да дозволи неточни податоци

Апликацијата за попис на граѓани што живеат надвор од Македонија, нема да дозволи неточни податоци, но за овие лица податоци ќе може да дадат и друго лице, под услов само ако го познава добро.

– Апликацијата за во странство е готова и ќе биде во функција од 1 март. Таа е максимално безбедна и ниту едно лице во Македонија не може да се вклучи во неа. Ќе биде можно вклучување само од странство со посебна процедура и се преземени сите мерки таа да биде безбедна. Не е можно да се дадат одговори на сите прашања, ако не го познаваат добро, а тие се и лесно проверливи. Услов за самопопишување на оваа категорија лица, како и на членовите на нивните домаќинства/семејства е единствениот матичен број (ЕМБГ) – рече Симовски.

Тој апелираше пописот да не се бојкотира, бидејќи попишувањето е статистичка операција и ако се одбие учество, тоа ќе биде на штета на граѓаните.

– Со пописот на населението, домаќинствата и становите ќе се обезбедуваат податоци за вкупниот број и за територијалната разместеност на лица, домаќинства и станови, за нивните карактеристики и за промените што настанале во периодот од спроведувањето на последниот попис на населението. Основната цел на пописот ќе биде да се утврди бројот на населението и неговиот територијален распоред и да се добијат податоци за виталните, образовните, економските, етничките, миграциските и другите белези на населението. Пописот е основа за процена на бројот и на движењето на населението во меѓупописниот период, како и за долгорочни проекции на бројот на населението во иднина – рече Симовски.

Според методологијата, која Државниот завод за статистика ја претстави, пописот ќе обезбедува податоци и за домаќинствата и семејствата не само како основни економски заедници (нивната структура според бројот на членовите, бројот на активни, односно издржувани лица, извори на приходи), туку и како биолошки заедници и промените во бројот и структурата на семејствата и нивните главни карактеристики и белези.

Ќе учествуваат 1.500 попишувачи

Во оваа статистичка операција што треба да се одржи ќе учествуваат 1.500 попишувачи, вклучувајќи и одреден број од нив како резервни, како и 50 пописни комисии. Целта на пописот на становите е да се добијат податоци за структурата на станбениот фонд, т.е. да се утврди бројот на становите и да се добијат податоци за нивната искористеност, површината, бројот на соби, опременоста со помошни простории, опременоста со електрични инсталации, водовод и централно греење, потоа нивната година на изградба, катноста. Од пописот треба да се добијат и податоци за ненаселените станови, како и бројот на викендички и семејни куќи.  Исто така, со пописот ќе се прибираат  податоци за општата здравствена состојба на лицата.

Во Методологијата е дефинирано кој се ќе влезе во вкупното резидентно население, што е најжешкото прашање за јавноста. Електронската апликација со која ќе се врши попишувањето, функционира на седум јазици. Во пописот ќе има графи за етничка и за верска припадност и за мајчин јазик. Методологијата содржи прецизни решенија за сите аспекти од пописот, па има и одредба како ќе се попишува граѓанин кој престојува земјата 11 месеци и 29 дена, што е границата по која не може да се најде во резидентните граѓани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот