Рут Гинсбург, икона на феминизмот и хероина на поп културата

profimedia

Поп-икона, адвокатка и втора жена што зазеде место во Врховниот суд на САД, Рут Бадер Гинсбург целиот живот се бореше за родова еднаквост.

Рут Бадер Гинсбург, која почина на 87-годишна возраст на 18 септември 2020 година, поради компликации од карцином на панкреас, ја обележа историјата на САД и, пред сè, беше неоспорна поборничка за правата на жените. Втора жена што зазеде место во Врховниот суд – беше назначена од Клинтон во 1993 година – важеше за една од најголемите залагачи за еманципацијата на жените, уште од 1970-тите години. 

И додека веќе се шпекулира за тоа кој ќе ја наследи, иако самата пред смртта изразила желба тоа да не се случи сè додека е на власт претседателот Трамп, приказната за оваа храбра и единствена жена крие многу други информации поради кои на сите може да ни биде пример, а најмногу на девојчињата.

Во средината на 20. век, кога жената воглавно се гледала само како домаќинка, која мора секогаш да биде на располагање на својот сопруг, Рут се оддалечила од таа улога и водела расправи со бројни интелектуалци. Фото Фејсбук

Била родена во Бруклин во 1933 година. По потекло била од еврејско семејство, сестра си ја загубила на само 14-месечна возраст, а мајка ѝ починала кога одела во средно училиште. За овие две загуби утехата ја наоѓала во книгите.

Во светот на високото образование тргнала со желба за подобра иднина, не надевајќи се дека тука ќе го запознае својот иден сопруг, Мартин Гинсбург, со кого останала во брак до крајот на неговиот живот.

Дипломирала право во 1959 година на Правниот факултет Харвард, меѓу само 9 студентки во генерацијата што броела над 500 студенти. Станала прв член на уредништвото на списанието „Харвард Лоу Ревју“, како прва жена на таа позиција. Но, веднаш по димпломирањето се соочила со тешкотии при влегувањето во деловниот свет како жена. Не била примана на работните места на кои конкурирала поради бројни предрасуди, била одбивана зашто била Еврејка, жена и уште и мајка.

По дипломирањето, не била примана на работните места на кои конкурирала поради бројни предрасуди, била одбивана зашто била Еврејка, жена и уште и мајка. Фото Фејсбук

60-тите години биле решавачки за нејзиното созревање, за длабоката свесност за препреките со кои требаледа се соочат жените за да се етаблираат како професионалци. Пример за ова бил периодот поминат на Универзитетот Рутгерс, (9 години, во временската рамка помеѓу 1963 и 1972 година) каде добивала помала плата од нејзините колеги – мажи, со образложение – поради одличната заработка на сопругот.

Во 1971 година Гинсбург пред Врховниот суд го изнела својот прв успешен аргумент во предметот кој се бавел со тоа дали мажите автоматски можат да имаат предност над жените како извршители на тестаменти. Судот се сложил со Гунсберг, што било првпат Врховниот суд да го укине законот поради дискриминација на основа на пол.

Во средината на 20. век, кога жената воглавно се гледала само како домаќинка, која мора секогаш да биде на располагање на својот сопруг, Рут се оддалечила од таа улога и водела расправи со бројни интелектуалци. Откако по вторпат останала бремена, со месеци носела широка облека за да ја сокрие стомакот, поради страв да не остане без работа. Пишувала научни трудови за феминизмот и проблематиката на родова нерамноправност, а со оглед на тоа што била една од ретките жени која успеала во правото, имала можност да ја слушнат огромен број жени.

Рут и останатите судии на Врховниот суд, фото профимедиа

Била прва жена редовен професот на Рутгерс, а во време на претседателот Џими Картер станала судијка во Вашингтон, секогаш борејќи се за правата на жените. Како судијка, во 1996 година, ги прогласила за неуставни правилата на Воениот институт во Вирџинија, кои повеќе од 100 години дозволувале прием само на мажи. Во 1993., во текот на мандатот на Бил Клинтон станала втора жена судијка во Врховниот суд, по Сандра Деј Оконор која во 1981 година ја номинирал претседателот Роналд Реган.

Рут Гинсбург беше препознатлива и по стилот. Со ситната градба, најчесто носеше впечатливи, ситно извезени бели јаки на контрасна црна облека, и очила со големи леќи – детали што ја направија вистинска поп-икона. Била голем љубител на операта. Таа стана икона и со нејзината позната фраза „Јас не се согласувам“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот